Заев: Груевски не пријавил 80.000 евра донација за ВМРО

by Фокус 14:41
14:41

Опозицискиот СДСМ денеска ќе поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски до Основното јавно обвинителство за аудио-снимката за примениот милионски кеш од 1,5 милиони евра во случајот Македонска Банка бидејќи како што тврдат тие, направил три тешки кривични дела, противзаконско посредување, примање поткуп и затајување на данок.

– Со неа како доказен материјал е доставена и аудио снимката на која што јасно се слушаат инструкциите на Груевски и неговата инволвираност во извршувањето на делата. Тој ја искористил својата службена положба како пратеник и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 и 2004 година. Од тие позиции посредувал и влијаел кај мнозинството  акционери  во Македонска банка АД Скопје, да ги продадат акциите од 51% на  Јовица Стефановиќ-Нини. За тоа Груевски договорил награда од 1.500.000. евра директно во кеш, а останатите 900.000 евра со сукцесивно повлекување, повторно во готовина – тврди Заев.

- Advertising -

Според него, Груевски дал лажни податоци за своите приходи, противзаконски избегнал плаќање данок кон државата, на што бил обврзан, со што ја оштетил и државата и граѓаните.

– Од обвинителството очекуваме ефективна истрага за случајот Македонска банка, посебно што во него постојат сериозни индиции за криминал направен од лице коешто 8 години е на чело на државата, лично премиерот. Обвинителството има можност, ако смета за потребно, да спроведе експертиза за веродостојноста на аудио снимката што ја приложивме како доказ. Така ќе паднат во вода сите очајни обиди на Груевски да се скрие, преку лагите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и очигледната забрана на медиумите под негова контрола, да информираат за овој невиден скандал – тврди Заев.

На прес – конференцијата, лидерот на СДСМ отвори и нова афера, за како што вели „кеш игрите на Груевски“. Тој презентираше нови официјални документи.

–  На нив го има црвениот партиски печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис на овластеното лице, најверојатно тогашниот секретар на партијата. Станува збор за потврди за примени пари во кеш, како донација, во 2006-та година, од 30.000 евра и 50.000 евра, или вкупно 80.000 евра. Како донатор се јавува лицето Тумбовски Загорец. Во моментот на уплатата на донацијата во кеш, Груевски, покрај претседател на ВМРО-ДПМНЕ е и премиер на Македонија веќе 4 месеци – рече Заев.

Тој му постави неколку прашања на премиерот:

„Дали со твое знаење и налог, тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе наврати има земено неколку стотици илјади евра на основ донација? Дали средствата што се земени во готово се внесени на партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Дали овие средства се прикажани во завршната сметка на партијата? Дали овие пари, на име донација, наместо во партијата, завршиле во вашите џебови?Дали Груевски знаеш дека донација од физичко лице за политичка партија согласно тогашната и сегашна законска регулатива е во максимален износ од 5.000 евра? Груевски, ќе и објасниш ли на целата македонска јавност за ова ново кривично дело и за оваа нова злоупотреба? – праша Заев.

Тој потсети како во македонските затвори лежат луѓе за многу помали суми проневерени пари, за разлика од овој случај, каде што јасно се гледа: кој, кога и колку пари земал и на кој начин!

 

Поврзани новости