Заев: Facebook и Google можеби ќе инвестираат во Македонија ако влеземе во ЕУ и НАТО

by fokus

Одговарајќи на прашањето од пратеникот Антонио Милошоски, дали е задоволен од тоа како се реализира најавената инвестиција на интернет гигантите Facebook и Google во Македонија, премиерот, Зоран Заев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања одговори дека овие инвестиции ќе зависат од членството на земјата во ЕУ и НАТО.

-Верувам дека таква ивестиција можно е да се рализира во Македонија. Очекувам Македонија да има сигурна иднина со членството во НАТО и ЕУ, почнуваме со скринингот и разговори. Ова е извесна можност да се случи во Македонија, ќе продолжиме да разговараме и кога ќе имаме нешто конкретно ќе го соопштиме. Негувам надеж ако Македонија ги заокружи политичките процеси и тоа се потврди со уставните амандмани и стане извесно членството во ЕУ, сите заедно ќе помогнеме бордот на директори да донесат одлука за инвестиција – рече Заев и додаде дека на овие инвеститори им е понуден данок на добивка од 3 отсто.

Пратеникот Милошоски на тоа возврати дека Владата ширела лажна пропаганда кога ги најавила овие инвестиции.

-Кога ги најавувавте инвестициите не рековте дека ќе дојдат во Македонија по членството со ЕУ и НАТО. Излегува дека сите ваши ветувања за странски инвестиции биле лажни, а членството во ЕУ и НАТО го користите како алиби за вашиот неуспех. 14 вработувања во КФЦ не се сериозна инвестиција. Се работи за лажна пропаганда, сте сакале да создадете привид дека нешто работите, но или немате способност да ги донесете или вашиот тим ве лаже – рече Милошоски.

Поврзани новости