Заев: Европските социјалдемократи се горди што беа со Република Македонија во борбата за демократија

by fokus

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на покана на Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), беше говорник на панелот посветен на новите лидери на Европа што денеска се одржа во Лисабон, Португалија, во рамките на неговата дводневна работна посета на оваа земја.

Како што соопшти владината прес-служба, на панелот, кој го модерираше новоизбраниот претседател на ПЕС, Сергеј Станишев, поранешен премиер на Бугарија, и на кој учествуваше и министерката за европски прашања на Шведска Ан Линде, премиерот Заев во излагањето накусо ги опиша настаните и причините кои ги предизвикаа, и кои „заробената држава“ Република Македонија, каква што ја препознаваа европските и светските лидери до 2016 година, ја вратија во редот на демократските и напредни земји. Со огромната поддршка на изборите во 2016 година, на политичката сцена на земјата започна делувањето на новата владејачка коалиција предводена од СДСМ која, рече, ја врати надежта, ги отвори и забрза евроатлантските процеси кои беа блокирани и ги продлабочија разликите меѓу соседите во регионот.

-Паралелно со домашните реформи, високо во приоритетите ги ставивме и прашањата на добрите меѓусоседски односи. Уште во првите три месеци го потпишавме Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија. Нашите политички опоненти жестоко реагираа, но народот виде дека договорот е добар. Наскоро дојдоа и резултатите. Економската соработка доби на динамика. Проектите на културен план, во образованието, меѓуграничната соработка, покажаа дека она што дотогаш сме го имале било само загубено време и пропуштени можности, нагласи претседателот на Владата на РМ, Заев.

Во продолжение на дебатата на панелот, премиерот Заев говореше и за Договорот од Преспа со кој Република Македонија и Република Грција постигнаа историски договор за пријателство и соработка, и со кој за нашата земја беа отворени вратите за наше брзо зачленување во ЕУ и НАТО.

-Работевме многу на овој договор со премиерот Ципрас и со нашите тимови. Секако огромна беше поддршката од нашите пријатели од ЕУ, НАТО и од останатите од меѓународната заедница. Од голема важност во постигнувањето на пријателската атмосфера за време на одржувањето на преговорите беше блискоста на нашите политички определби, социјал-демократските и социјалистичките политички концепти на колегата Ципрас, и моите. Сега сме блиску до конечното спроведување на договорот со Грција и очекувам пратениците во Собранието да ја верификуваат историската димензија на овој процес, рече премиерот Заев.

Тој се задржа и на домашните реформи и информираше дека темелните социјал-демократски вредности како што се висока и гарантирана минимална плата, правичната даночна политика, социјални политики за социјална правда, како и многу други, се вградени во реформските политики на владата што ја предводи.

Министерката Линде ги пренесе впечатоците од телата на ЕУ каде што Република Македонија се препознава како земја која, како што се пососчува, за две неполни години од земја во заостанување се трансформираше во земја која со реформите успеа да застане во првата линија на идните земји членки на ЕУ.

Затворајќи го панелот на кој говорерше и премиерот Заев, претседателот Станишев истакна дека европските социјал-демократски и социјалистички партии го поддржуваа премиеротна Македонија во неговата борба за демократија, и дека се горди што беа дел од тој процес, стои во соопштението.

Поврзани новости