Европската платформа за одговор на руската пропаганда, „ЕУ вс Дисинфо“, денеска ги објави резултатите на истражување на српска невладина организација ЦРТА, за состојбата со медиумите и дезинформациите во регионот.
Според истражувањето, во Македонија најчести се медиумските објави кои се повикуваат на „анонимни извори“, додека Србија води во медиумски објави без никакви наведени извори. Во Македонија неименуваните извори се најчесто неутрални кон ЕУ, по што следат про-ЕУ објавите и анти-САД објавите. ЕУ неутралните и про-ЕУ објавите доминираат во Македонија генерално.
Во македонските медиуми преовладува политиката како тема, со водство на про-ЕУ, про-САД и про-НАТО коментарите со 39% наспроти 20% за анти-САД и анти-НАТО објавите. По политиката, македонските медиуми најмногу ја покриваат војската, а на трето место економијата, открива истражувањето.
Најцитиран политичар во регионот е Зоран Заев, најчесто во ЕУ неутрален контекст, следува српскиот претседател Александар Вучиќ, исто најчесто во ЕУ неутрален контекст највеќе.
Во соседна Србија, пак, преовладуваат про-руските и анти-САД медиумски објави, пренесува ЕУ вс Дисинфо.
ЕУ вс Дисинфо е веб платформа на кампањата на ЕУ против руската дезинформација која поседува јавно достапна, меѓународна база на податоци на случаи на дезинформација.
Истражувањето на ЦРТА е правено меѓу 14 мај и 10 јуни во Црна Гора, Македонија, Босна, и Србија. Анализирани се 5553 медиски објави, наведува организацијата.