Заев: Доста беше омраза, јас сум Македонец кој зборува македонски јазик

by Fokus

Премиерот Зоран Заев со порака на Фејсбук возврати на денешните обвинувања од страна на Красимир Каракачанов.

-Јас сум Македонец, кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!“, напиша на социјалната мрежа Фејсбук, премиерот Заев.

Бугарскиот вицепремиер Каракачанов во изјава за медиумите упати навреда кон македонскиот премиер истакнувајќи дека „по стар бугарски обичај, на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со колегата Заев“.

Тој додаде дека тоа дали му верува или не, нема никакво значење затоа што претпочита веќе да не верува на декларации и интервјуа, а да гледа што се прави.

Во изјавата Каракачанов ги повторува ставовите дека станува збор за бугарска, а не за македонска историја.

Поврзани новости