Заев до Мицкоски: Добро е тоа што слушам дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш немала план за бојкот

by Fokus

Ова време пред кое сме исправени е време на историски момент и ни треба одлучност, не ни треба калкулантство, треба да се има изграден став, затоа што во ова време се носат историски одлуки и оваа шанса не смееме да дозволиме да ја пропуштиме, порача вечерва премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев од граѓанскиот собир „Излези за европска Македонија“ што се одржа на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.

Додаде дека дека сега прашањето е што можеме да направиме ние за Македонија, а не Македонија за нас.

– Затоа гледаме како сме здружени сите заедно. И бизнисмени се со нас, и спортисти се со нас, и синдикатите се со нас, и коморите се со нас-сите се со нас. Граѓанските организации ја водат борбата, тие се предвесници на ЕУ и НАТО. Сите сме здружени и сплотени и затоа е редот да станеме сите заедно во Македонија по одредени прашања, а токму ова е прашање е позади кое треба да застанеме сите, рече премиерот Заев.

Ја повика и опозицијата да се придружи и при тоа рече дека може да се бијат меѓу себе партиите по многу прашања, но заедно треба да застанат заради Македонија, заради децата, заради иднината на земјата.

– Гледам напредок во ставовите на опозицијата. Јас разбирам да оставите граѓаните слободно да гласаат. Да, демократија е. Но, не може најголемите партии да останат без став. Овие денови слушам позитивни сигнали. Денеска од Охрид претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија никогаш немало и нема план за бојкот. Ајде заедно да изградиме план за европска Македонија, за наша Македонија, за заедничка Македонија, затоа што нема план Б, нема алтернатива, ако има ајде да ја слушнеме и да разговараме за неа, ја повика премиерот Заев опозицијата вечерва од родната Струмица.

Тој пред граѓаните ги цитираше зборовите на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, дека „сите споделуваме една иста судбина наречена Македонија“. Затоа, додаде Заев 30 септември е нов датум од модерната македонска историја и затоа заслужуваме да бидеме заедно сите.

Им порача на тие што го обвинуваат дека го продал името ека не продал ништо туку Заев продавал љубов, пријателство, заедништво и добивал за возврат љубов, пријателство, заедништво, но при тоа како што рече „Заев купува безбедност, прогрес, европска иднина“.

На крајот од своето обраќање ги повика граѓаните да излезат рано наутро на 30 септември и да гласаат.

– Работа мора да завршиме за Македонија, за нашите деца, за генерациите што доаѓаат по нас. А јас, ќе излезам рано и ќе гласам за европска Македонија и ќе одам горе на тромеѓето и ќе ги видам трите дела од историска Македонија под исто европско небо, под заедничка Европа, порача на крајот премиерот Зоран Заев од вечерашниот граѓански собир на Коалицијата за европска Македонија.

Пред присутните граѓани се обратија стопанственикот Тони Костов, и поранешниот атлетичар и учесник на две олимпијади, Ване Стојанов.

Поврзани новости