Заев денеска ги пречекува Вучиќ и Рама во Охрид, службите отстрануваат паркирани возила во градот

by Фокус

Премиерот Зоран Заев е домаќин на трилатералната работна средба на лидерите од Западен Балкан што денеска ќе се одржи во Охрид, на која ќе присуствуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама.

Агендата предвидува во Охрид да се одржи работен состанок на кој покрај тројцата лидери ќе учествуваат уште и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.

По средбата ќе следи пленарна сесија на лидерите од Западен Балкан со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европската банка за обнова и развој, Регионалниот совет за соработка, Европската комисија, Светската банка и Европската инвестициона банка.

Поради средбата, преземени се активности за сообраќајно и физичко обезбедување на сообраќајниците, така што во координација на полицијата со субјектите одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со јавните претпријатија, се отстрануваат сите паркирани возила од дел на сообраќајниците во градот што водат кон хотелот каде ќе се одржуваат состаноците.

За време на одржувањето на средбите, целосно ќе биде забрането запирање и паркирање возила на паркинг-местата на потегот булевар „Туристичка“ – „АСНОМ“ – Кеј „Македонија“, како и на улицата „Партизанска“ до крстосницата со „Јане Сандански“.

Поврзани новости