Заев: Балканот веќе не е буре барут, туку им држи европски лекции на западните земји

by fokus

Премиерот Зоран Заев по врачувањето на поканата за НАТО изјави дека е уверен дека граѓаните ќе го прифатат Договорот со Грција на референдум и дека овој Договор ќе ги охрабри и соседите кои сѐ уште имаат отворени спорови.

– Се надеваме дека решението со Грција ќе ги охрабри Белград и Приштина да продолжат со дијалогот за да најдат решение. Не ни беше лесно ни на мене, ни на Ципрас. Ќе беше полесно да се решеше порано, рече Заев и додаде дека Балканот повеќе не е буре барут, има европски манири, држи европски лекции на западни земји. Ќе бидеме од огромна помош затоа што учевме и научивме од минатото и ќе придносеме кон реформирана и обединета Европа, рече премиерот.

Заслугата за поканата во НАТО Заев им ја припиша и на сите политички партии и претходни влади на Република Македонија. За него, договорот со Грција многу бргу ќе покаже конкретни резултати за граѓаните од двете страни на границата.

– За неколку месеци веќе граѓаните ќе почувствуват дека договорот носи само добро и уверен сум дека ќе расте бројот на пратеници кои ќе го поддржат договорот, одговори Заев на прашање дали стравува од тоа Атина да не го исполни својот дел од обврската доколку биде успешен референдумот во Македонија.

Прашан за можна руска вмешаност во референдумската кампања, Заев потсети дека огромното мнозинство граѓани се изјаснија за членството во НАТО и во ЕУ и побара да нема непринципиелно мешање во кампањата наредниве месеци.

Поврзани новости