Заев: Ако падне Владата, нема зошто да правиме реконструкција

by fokus

На новинарско прашање за најавите за реконструкција на владата и „метлата“ најавена по претседателските избори, премиерот Зоран Заев дека истакна дека и во овој дел многу ќе зависи од одлуката на ЕУ за преговорите.

-Процесот на реконструкција е започнат, ќе има промени кај помалку од две третини од владата, тоа е мојот план, и околу 20 до 30 менаџерски позиции во големите институции, но можеби Советот на ЕУ мене ќе ме смени, изјави премиерот.

Заев вели дека поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, тој чека за реконструкцијата.

-Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака, изјави премиерот Зоран Заев.

Доколку Македонија не добие датум за преговори и во случај Заев да го врати мандатот, речиси е извесно дека ќе треба да се одржат предвремени избори што ќе донесе поголема политичка нестабилност и неизвесност во однос на европските реформи. На прашање на дописникот на француската агенција АФП дали постои ризик да дојдат на власт проруски и националистички партии, Заев рече дека не е исклучена оваа можност доколку ЕУ не испорача во својот дел.

-Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ ќе им даде надеж на националистичките сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот, рече Заев, додавајќи дека смета оти од македонска страна е направено сѐ што требаше и дека земјава чека да се отворат овие врати веќе петнаесет години.

Поврзани новости