Заев: Ако нема договор додека трае вонредната состојба, изборите ќе бидат на 21 јуни

by Фокус
Договор за денот на изборите е можен додека трае вонредната состојба, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во спротивно, како што рече тој на ТВ Стар, со истекот на вонредната состојба на 30 мај течат роковите. Тоа, според него, автоматски води до избори на 21 јуни.
-Теоретски можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да и нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза – порача Заев.
Тој додаде дека Комисијата за заразни болести јасно укажува дека периодот по завршувањето на рестриктивните мерки е најбезбедно да се спроведат изборите за здравјето на граѓаните.
-Комисијата за заразни болести прецизно ги кажува сите аргументи, детално кажува дека кога се блиску ефектите од рестриктивните мерки и бројките се намалени треба  да се оди на избори. Со отворањето границите, доаѓањето на нашите граѓани од дијаспората, можноста да се патува во странство е поголем ризик да се прошири заразата. Токму водењето грижа за здравјето на граѓаните е најважната причина зошто мора да одиме на избори во првиот можен момент – истакна Заев.

Поврзани новости