Забрзана дигитализација на образованието

by Fokus

Иако кризата е силен стрес-тест за образовните системи, таа е исто така и можност за развивање на современите трендови во образованието

Пишува Мила ЦАРОВСКА

Го завршивме првото полугодие во една исклучително специфична и поразлична училишна година. Поради пандемијата наставниците работеа во вонредни околности, учениците следеа настава под маски, или на далечина, а  родителите за првпат се соочија со нови распореди и организација на дневните обврските.

Сега на крајот кога треба да ги сумираме резултатите од ова поразлично прво полугодие, слободно можеме да констатираме дека тоа заврши успешно и покрај сите предизвици.

Над 90 отсто од учениците без тешкотии следеа онлајн настава, околу 10 отсто наставата ја следеа преку достава на печатени материјали или на телевизија. Имавме исклучително ниска бројка на активни случаи на Ковид-19, односно помалку од 1  отсто од наставниците и учениците со физичко присуство.

Од разговорите со директорите на училиштата и со наставниците заклучокот е дека предавањата за предвидениот наставен материјал се реализираа во дадените рокови, но и дека учениците се оценети. Сето ова ни дава за право да кажеме дека хибридниот модел на настава ги даде посакуваните резултати, односно постигнавме резултати подобри од очекуваните.

И за сето ова сум бескрајно благодарна на наставниците, учениците и родителите кои дадоа се од себе и се вложија максимално сето ова да успее. Да се одржи најважното, континуитетот во наставата за секој ученик.

И навистина сум среќна што во овие моменти образовниот процес продолжува да тече без поголеми тешкотии. Затоа што ако немавме функционално учење на далечина, секое потенцијално целосно затворањето на училиштата, може да резултира со огромна загуба во развојот на човечки капитал и со значителни долгорочни економски и социјални импликации.

Затоа, иако кризата е силен стрес-тест за образовните системи, таа е исто така и можност за развивање на современите трендови во образованието.

Токму кон тоа и се стремиме. Кон забрзано дигитализирање на образованието,но и инвестирање во подобрување на дигиталните вештини и компетенции на наставниците.

Она што го научивме за овај краткок период е дека забрзана дигитализација ни е повеќе од потребна, бидејќи со неа не само што го осовременуваме начинот на наставата, туку го правиме образованието поотпорно и полесно прилагодливо на условите што ни ги наметнува новото време.

Овој процес треба да продолжи и за сите следни генерации, затоа што иднината ни носи дигитализирање и нови трендови кои ќе мора да ги прифатиме за да се развиваме и да бидеме успешни.

Поврзани новости