Забрана за работа од 30 дена за кочанската фирма што загадуваше

by fokus 19:20
19:20

Државниот инспекторат за животна средина на 8 ноември донесе решение со кое се забранува работата на правниот субјект „Пејпар Мил“ од Кочани заради континуирано надминување на граничните вредности за дозволени емисии на загадувачки супстанци во отпадните гасови што излегувале од котларата на оваа компанија.

Решението за забрана е во рок од 30 дена, и во овој период од издавањето на решението за забрана за работа, од „Пејпар Мил“ се должни да ги отстранат недостатоците кои предизвикуваат загадување на воздухот со јаглероден моноксид над дозволените граници и за тоа да го известат Државниот инспекторат за животна средина.

- Advertising -

Доколку во предвидениот рок не се постапи според упатствата од решението на Државниот инспекторат за животна средина за забрана за работење, против правното лице ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка и ќе продолжи забраната за работа.

Државниот инспекторат за животна средина ова решение го донесе во согласност со своите надлежности и како резултат на засилените контроли што се вршат во овој период, како и врз основа на реакциите на граѓаните на Кочани кои укажаа дека оваа компанија влијае врз загадувањето на воздухот во градот.

Поврзани новости