За задоволување на основните животни трошоци на едно четиричлено македонско семејство во јули годинава му биле потребни во просек 531 евро. Или две ипол минимални плати од по 12.507 денари, 203 евра, колку што земаат околу 70 отсто од вработените во државава.

Тоа го покажуваат најновите податоци за минималната кошничка кои ги подготвува месечно Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ. Според нив, во јули годинава за да ги задоволи основните животни потреби, на едно семејство му биле потребни 531 евро. Во таа сума се вклучени трошоци за храна, за сметки, за превоз и за здравје, при што најголем дел од семејниот буџет одиза храна и за сметки, 73,45 отсто.

Според пресметките на ССМ, вака изгледаат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство: за исхрана и пијалаци 13.574 денари, домување 10.409 денари, за хигиена 2.306 денари, за превоз 2.408 денари, за облека и обувки 2.177 денари, за култура 1.070 денари и за одржување на здравје 706 денари. Или, од вкупните минимални трошоци од 32.710 денари, 23. 983 или 390 евра се само за исхрана и за сметки.

Државниот завод за статистика, ДЗС, пак, изминатите месеци регистрира раст на висината на просечната плата во државата, иако таа и натаму не е доволна за да се подмират месечните основни животни трошоци на едно семејство.

Според последните податоци на ДЗС, во мај годинава просечната нето исплатена плата изнесувала 25.270 денари или 411 евра, што значи дека, ако се земат в предвид пресметките на ССМ, на едно семејство со само еден вработен со просечна плата, му недостасуваат уште 120 евра за покривање на основните животни трошоци.

ДЗС објави дека во мај во споредба со април годинава, реалната нето плата е зголемена за 1,5 отсто додека во мај годинава, во споредба со истиот месец во 2018 година, кај реалната нето исплатена просечна плата е регистриран раст за 1,7 отсто.

Според висината, повторно се евидентирани највисоки плати во дејноста информации и комуникации, 43.431 денари, потоа во финансиски дејности и осигурување 47.385 денари, следи рударство и вадење камен 35.034 денари, јавна управа, одбрана, социјално осигурување 29.052 денари, здравствена и социјална заштита 29.122 денари, транспорт и складирање 25.428 денари и во преработувачка индустрија 20.926 денари просечна плата.

 

Плати пониски од 20.000 денари се исплаќаат во секторите: земјоделство, шумарство, сервисни дејности со храна, објекти за сместување, административни и помошни дејности

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.