„За заедничка Македонија“ од утре ќе маршира по потреба

by fokus

Движењето „За заедничка Македонија“ ќе ги менува своите активности кои отсега па натаму нема да ги изразува само преку протести, туку и преку правна битка, објавија денеска на прес конеференција лидерите на ова движење, Борис Дамовски и Богдан Илиевски.

Организаторите објавија дека протестните маршеви кои тие ги одржуваа во последните речиси 80 дена, сега ќе ги редуцираат, но затоа пак енергијата ќе ја канализираат во правната битка.

„Денес ги соопштивме правните форми, а за сите останати ќе известуваме тековно. Битката продолжува, исто како и протестните маршеви во првиот момент во кој ќе оцениме дека е потребно да се случат“, изјави Богдан Илиевски.

Тие најавија поднесување на иницијатива за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери како нов собраниски спикер.

„На 27 април по прекинување со работа на седницата во 18 часот, без да се закаже нова, без да бидат поканети сите пратеници, без дневен ред, без стручни служби, без генерален секретар, без подготвена одлука, без да се утврди присуство на седницата, без да бидат поканети претставници од други органи и Владата на Република Македонија кои деловнички секогаш се покануваат, без да се образложи предлогот, без да се отвори расправа, без присуство на јавноста на седницата, без задолжителниот пренос на собранискиот канал, без записник и стенографски белешки, без заклетва на пропишан начин, кришум од јавноста, без да биде форирана комисијата која има право да предложи други кандидати, без да им се даде право на други пратеници да предложат сами кандидати и да дебатираат околу нив, тиранските коалициони партнери симулираа избор на нелегален претседател на Собрание“, рече Илиевски.

Движењето „За заедничка Македонија“ ги организираше и протестите на крвавиот 27 април, кога толпата влезе во Собранието и дел од неа ги тепаше пратениците и новинарите. Неколку пратеници беа сериозно повредени, додека најтешко заврши Зијадин Села, кој се уште се опоравува од тепањето и насилството.

Поврзани новости