Светски популарниот рок бенд ГНР (Guns ‘N Roses) ќе одржи концерт во Софија, Бугарија на стадионот Васил Левски на 21-ви јули. Настанот е дел од европската турнеја на ГНР, кои покрај во Бугарија, во регионот ќе одржат концерт и во Белград, Србија, на 18-ти јули на Ушќе.
За концертите на легендарниот бенд има огромен интерес и во Македонија, а влезниците веќе се пуштени во онлајн продажба.
Конкретно, за концертот во Бугарија, најниската цена за влезница е 180 лева (околу 99 евра), а највисоката е 2.150 лева, односно околу 1.100 евра. Како што е појаснето на страницата за продажба на билети Ticketstation Bg, оние кои ќе купат влезници од 1.100 евра, ќе имаат ВИП искуство на концертот.
Добиваат бесплатно пиво, вино и безалкохолен пијалок, можат да стојат пред сцената, а пред почеток на концертот ќе можеле и да направат фотографија со музичките инструменти на бендот. Потенцирано е дека во фотографијата со инструментите на сцената, нема да учествува ниту еден член на бендот.
И за концертот во Белград цените на влезниците се слични како во Бугарија. Започнуваат од 76 евра, па се до 1.000 евра за ВИП влезница, но и 1.240 евра за специјална ВИП влезница, со која се добива можност да се фотографираат музичките инструменти на бендот. Истите можат да се купат онлајн на страницата Viagogo Com.
Турнејата на ГНР опфаќа 24 концерти низ европските градови, и тоа покрај Белград и Софија, ќе гостуваат и во Будимпешта, Истанбул, Варшава, Лондон, Виена, Минхен, Луксембург…
Започнува на 23-ти март, а треба да заврши на 31-ви јули.
Вики Клинчарова