За три години најмногу станови никнале во Аеродром и Карпош

by Fokus

Во 2021 година се издадени одобренија за градење за 7894 станбени единици,  покажуваат неофицијалните податоци со кои располага консултантската компанија ФОРТОНМКА специјализирана компанија за обезбедување на услуги за комерцијален недвижен имот на локално и интернационално ниво..

– Во однос на порастот на цените што е евидентен направивме една споредба за периодот од 2019 до 2021 година и вкупната вредност изнесува 20 проценти, рече Катерина Николов, оперативен директор на ФОРТОНМКА.

Од вкупно испорачаните станови, 65 проценти се во Аеродром и Карпош, а просечната големина на становите што се продаваат е зголемена за неколку квадрати и се движела од 67 во 2018 година до 71 квадратни метри во 2021 година.

– Голема е бројката на испорачани станови, но значителна е и бројката на продадени станови со што бројот на станови од пред пандемијата што би ни бил некој репер за период во кој се продадени голем број станови 3388 во 2019, е зголемен. Одобренијата за градба се зголемени за 180 проценти во 2021 година во однос на претходната година, при што предничи Општина Гази Баба со одобренија за 2241 станбена единица, по што следи Аеродром со 1441 станбена единица, информира Николов.

Осврнувајќи се на порастот за 20 проценти на цената на становите посочи дека тоа е за периодот од три години, односно цената не се зголемувала со исто темпо и сите општини различно реагираат.

– Порастот што сега го гледаме ќе го поделам во две групи. Значи, пораст на цени на станови заради градежни материјали што сме сведоци сега или пораст на цените на станови заради дисбаланс во понудата и побарувачката. Искрено на среден рок не гледаме повеќе ако цените на градежните материјали не растат драстично зголемување на цените. Пазарот е балансиран. Значи, не гледаме станови коишто се испорачани на пазарот, а стојат непродадени, наведе Николова.

Прашана дали ќе има намалување на цените на становите во скопските општини Центар и Карпош, каде се бележи најголем пораст, таа посочи дека не се очекува такво нешто.

– Едноставно само пазарот ќе се сегментира во премиум станови на живеење, така што ќе имаме само поголема сегментација. Центар и Карпош секогаш ќе бидат во таа цена и ќе растат можеби и побрзо, но тоа е поврзано повторно со понудата. Тука веќе се истрошени земјиштата каде што може да се градат нови станови. Имаме влијанија од градежни материјали и балансирана понуда и побарувачка. Пазарот е најдобро да го гледаме низ призмата на понудата и побарувачката, не шпекулативни цени коишто повторно ќе кажам на краток рок не можеме да ги предвидиме, посочи Николов.

 

Поврзани новости