За тепањето во кафеана Чавков кратко одговори: „Конструкција“

by fokus

Поранешниот министер и директор на БЈБ, Митко Чавков, рече дека е конструкција инцидентот во Струмица, каде друштвото со кое седел во кафеана претепало струмичанец. Чавков денеска беше во Кривичниот суд каде редовно се пријавува бидејќи му е одредена мерка на претпазливост како обвинет за настаните од 27-ми април.

На прашање на новинарите, како го коментира настанот во кој едно лице било физички нападнато од луѓе кои седеле во друштво на Чавков, тој кратко одговори „Конструкција.“

Според МВР на 11-ти месецов 18:40 часот во Полициското одделение Ново Село, В.С. (44) од Струмица пријавил дека истиот ден околу 18 часот бил физички нападнат од четири лица во угостителски објект во село Габрово.

„Во угостителскиот објект тој бил во друштво на двајца пријатели, а во моментот кога извадил телефон и почнале да се сликаат, бил нападнат од неколку лица кои седеле на соседната маса (Г.Б., В.Т., В.Е. и В.А.) кои физички го нападнале и му го одзеле телефонот. Тие го удирале со раце во пределот на главата и грбот и побарале да им ја каже лозинката на телефонот. По кратко време, од летната тераса на објектот го внеле внатре и потворно му се заканувале и го удирале. Откако им ја кажал лозинката го пуштиле да излезе надвор, а набргу потоа си заминале. Пред да заминат, кај В.С. дошол и М.Ч., кој седел на истата маса со напаѓачите, и го прашал што има против него“, информира полицијата.

Поврзани новости