За сите што сакаат принова – минете ги празниците во Долината на плодноста

by fokus

Ако сте нестрпливи да добиете принова и верувате во народните преданија, летово одлучете се за одмор во одморалиштето Михајлово, кавадаречко, или пак за селата Горна и Долна Бошава, во чија што близина се наоѓа природното чудо познато помеѓу народот како Камени пениси или Камени кукли.

Станува збор за вистинска камена атракција за која што се претпоставува дека датира од пред 20 до 50 илјади години. Камените столбови кои што се издигаат на неколку километри од одморалиштето, во долината на реката Бошавица се доста интересни за посетителите, кои што доаѓаат да ги фотографираат, а пак некои, според легендата, водат љубов под нив, надевајќи се дека така ќе ја излекуваат неплодноста. Затоа, уште во минатото, долината покрај Бошавица била наречена Долина на плодноста.

mihajlovoКамените столбови, од кои што повеќето имаат камен на врвот,кој што мештаните од бошавијата го нарекуваат заштитна капа, се високи околу 15 метри, а ги има десетици на број.

Покрај ова чудо на природата, овој крај е познат и по половина век долгата традиција за празнување на празникот Илинден во селото Горна Бошава. Годинава подготовките за големата слава која што се одржува на први и втори август се веќе во тек, и се очекуваат голем број на посетители, гости од земјава, но и наши иселеници кои што редовно се враќаат кон своите корени за време на празникот. Од Кавадарци е оддалечено триесеттина километри и во овој период изобилува со бујна вегетација, разни лековити билки и печурки, но и боровинки, капини и малини.

Освен во кавадаречко, во Македонија во близина на селото Куклица, кратовско, исто така има камени фигури, по кои што местото каде што се наоѓаат се нарекува Весела свадба, бидејќи ерозивните форми прилегаат на невеста и младоженец во прегратка, и сватови околу нив.

Вики Клинчарова

Поврзани новости