За осум дена ТВ Нова наплатила од ВМРО-ДПМНЕ речиси 60.000 евра

by fokus

За последните осум дена од првиот круг на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ за изборни активности потрошила вкупно 424.183 евра. За разлика од претходните години каде оваа партија ја завршуваше сметката со минус и долг за извршени но ненаплатени услуги, овој пат партијата е во плус, затоа што во вториот дел на првиот круг од изборната кампања успеала да собере 534.227 евра.

Најмногу средства се одлеале за реклами, пропаганда и интелектуални услуги. Извештаите на партијата се групирани во осум дела. Од нив се гледа дека во период од 5-ти октомври до 13-ти октомври ВМРО-ДПМНЕ купувала рекламен простор само во ТВ Нова. За реклами во оваа телевизија во споменатиот период, партијата платила речиси 60.000 евра.

ТВ Нова инаку се најде во извештаите на Агенцијата за медиуми. Поради прекумерно рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ телевизија ќе сноси прекршочна пријава за надминување на лимитот за рекламирање.

Претходниот финансиски извештај, кој се однесуваше на првите десет дена од изборната кампања, покажа високи хонорари за дел од јавните личности: Владимир Јаневски (215.250 денари), Миле Кузмановски (107.625 денари), Адријана Јаневска (64.000), Јелена Жугиќ, Тони Михајловски и Блага Петреска (по 43.050 денари). Овој пат хонорар за авторски дела бил исплатен само на Блага Петреска од 21.525 денари.

ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала и на фејсбук и за осум дена маркетингот на социјалната мрежа ја чинел партијата 19.885 евра.

На листата донатори овој пат се јавуваат поранешни функционери и директори на партијата, како Виктор Мизо, Мишо Николов и Христијан Мицковски. Меѓу нив е и поранешниот министер за внатрешни работи и екс директор на БЈБ, Митко Чавков кој во овој период донирал за партијата 25.000 денари.

Поврзани новости