Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе бидат затворени сите ноќни клубови што не ги исполнуваат условите за работа, но не кажа дали ќе се следи примерот на Романија која две години ги затвори сите дискотеки и кабареа за детално да провери кои од нив работеле по закон и кои се безбедни за организирање на забави и концерти.
Тој изјави дека минатата година биле издадени само 12 лиценци за кабареа, а може да се заклучи колку многу клубови работат во државава. За клубот „Пулс“, каде што се случи пожарот, Мицкоски рече дека низ годините речиси цело време работел без лиценца, а извадил само во 2021 и во 2023 година.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по координативниот состанок со сите институции поврзани со издавање дозвола, проекти и лиценци рече дека Македонија немала систем во рамки на кој ќе бидат утврдени правила на игра кои би биле нормални за да можат институциите да превенираат еден ваков ужасен немил настан.
Поради тоа тој најави дека во сите ноќни клубови во Македонија во следниот период ќе бидат спроведени темелни инспекциски контроли кои ќе треба да ги извадат на површина дополнително сите неправилности и системски пропусти кои ги имаме како држава.
– Како тоа нема систем? Имаме правилник за противпожарна заштита. Имаме овластени инженери за проектирање од сите инженерски струки, архитектура, конструкции, електрика итн. Овластени инженери кои работат во лиценцирани компании кои се регулирани како и што изработуваат со закон за градење и закон за урбанистичко планирање. За функционирање на системот одговорни се политичките структури. Ако ме прашате кој е крив за нефункционирањето на системот, сите се криви, од 1991 година наваму, вели за „Фокус“ архитектот Мартин Пановски од студиото „Радиус архитекти“.
На социјалната мрежа Пановски објави мала анализа како функционира системот на издавање на лиценци за работа во случаи кога се гради нов објект со намена диско клуб и кога се пренаменува како во случајот со клубот во Кочани.
„За да може да изградите нов објект со намена диско клуб, треба да поседувате парцела со намена Б3-големи угостителски единици. Треба да изготвите проекти за архитектура, конструкција, електрика, машински инсталации, водовод, елаборат за против-пожар и да не наведувам натака. Сите тие проекти треба да се потпишани од овластени проектанти, заверени од лиценцирани фирми и потпишани од овластени и лиценцирани ревиденти и на крај заверени од сектор за урбанизам и градоначалник. Ова е според закон пропишан од Министерството за транспорт.
Според Министерството за економија за да добиете лиценца за работа како дискотека ништо од горенаведеното не ви е потребно. Ги прочитав сите правилници за добивање на лиценца за диско клуб. Никаде не видов дека треба да се приложи проект потпишан од овластен проектант. Не видов ниту дека треба да се приложи елаборат за против пожарна заштита. Никаде не прочитав дека во дивоградба не може да отворите дискотека, т.е дека треба да приложите имотен лист. Никаде не прочитав дека треба да се достави проект за пренамена на „шупа“ во дискотека, кој ќе е потпишан од овластен проектант, овластен ревидент и на крај заверен од сектор урбанизам.
Прочитав само дека е потребно пријава каде што сопственикот наведува дека ги исполнува минимално-технички услови за вршење дејност напишани во правилник изготвен од Министерството за економија. Правилник кој повеќе наликува на прирачник за добро однесување отколку на стручен текст. За точноста на податоците во пријавата сопственикот дава изјава. И државата му верува. Оставено е на сопственикот да оцени дали ги задоволува или не минимално-техничките услови, ако потоа се утврди дека не ги исполнува, ќе го казни. Сега ќе го казни. Ќе казни и некој инспектор. И некој друг. Ама сега е доцна. Многу доцна“, напиша Пановски.
Според него, државата е најголем виновник за трагедијата бидејќи не им бара на сопствениците проекти од стручни лица, кои на сопствениците треба да им кажат што може да изградат или пренаменат и кои стандарди треба да ги исполнат.
– Државата не му бара на сопственикот проект од стручни лица и тоа е главниот проблем. Сосема е возможно и светлата што доминираат во клубот да се донесени од Али експрес што значи дека немаат а-тест или каков било сертификат. Не можам да кажам дали човекот бил или не бил криминалец, дали бил свесен што прави или не. Тоа ќе го покаже истрагата и за тоа ќе треба да се стрпиме. Можеби бил неук или несвесен што прави. Иако ова е тешко за верување.
За да се спречат вакви работи, државата треба да му побара проект и надзор од инженери кои за тоа учеле, кои плаќаат за лиценци и за овластувања. Затоа има овластен проектант за против пожарна заштита кој кога ќе го стави потписот на елаборат ќе бидете сигурни дека објектот е согласно законската регулатива.
Лиценците за угостителска дејност, без разлика дали е хотел, дискотека, продавница, ги издава Министерството за економија. Истото не ви бара ни имотен лист, што значи во дивоградба може да отворите било што од горенаведеното. Не ви бара проект, туку само изјава дека ги исполнувате минимално-техничките услови за отворање дискотека, образложува архитектот за „Фокус“.
Ако сопственикот по закон барал дозвола за реконструкција и пренамена на тој објект во дискотека, најверојатно немало да добие дозвола, бидејќи намената на земјиштето најверојатно не е со намената „дискотека“ или поточно намена Б3-Големи угостителски единици.
– На пример: имате хотел во стоковна куќа. Доколку сопственикот побара пренамена во општината, нема да му дозволат бидејќи намената на тоа земјиште по ДУП е Б2- Големи трговски единици, не е хотел. Но, никој не ви забранува во министерство на економија да побарате лиценца за хотел, дури и ѕвездички ќе добиете.
Проблемот е што надлежните во општината би требало, ако сфатат дека таму има дискотека, а знаат дека не смее да има, да испратат инспекција и да постапат согласно закон за градење. Општината нема одговорност да издаде лиценца за работа, но има одговорност да види дека објект кој бил магацин за килими, одеднаш работи како дискотека, потенцира Пановски.
Според архитектот, за жал, законите се такви што може кој било инвеститор да го маткаат наваму-натаму за да го принудат да даде мито.
– Пример е стоковната куќа, која реално како концепт на шопинг-центар е застарен и не функционира. За да го пренамени објектот во хотел, сопственикот треба да чека промена на ДУП од 5-10 години. Се нема слух за реалните проблеми и потреби во функционирањето на градот од економска точка на гледање. Затоа и инвеститорите се доведени во ситуација да прават нешто што е спротивно на законите и прописите за градба.
Конфузијата на законите, не само што ова го овозможува, туку и го поттикнува. На пример, според минимално-техничките услови за дискотека, треба на 0,8м2 да има по еден посетител, а по правилникот за противпожарна заштита треба да има 1м2 по посетител. Како да не седат на иста маса, министрите што ги носат законите и подзаконските акти.
Корупцијата се јавува кога немаме јасни закони и јасно дефинирани процедури и кога го оставате граѓанинот тој сам да гарантира за квалитетот и безбедноста на изградениот простор, рече за „Фокус“, архитектот Мартин Пановски.
пишува: Орце КОСТОВ
Разговорот е дел од сторијата „59 млади од Кочани жртви на сценски ефекти од три долари“ објавена на 20 март 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.537.