Сакаме европски резултати во работата, а немаме основни услови, немаме ресурси за работа. Оставени сме без обезбедување да се справуваме со тешки случаи, со лица кои се извршители на семејно насилство, алкохоличари, наркомани, лица кои имаат психички проблеми. Сакаме да понудиме квалитетна услуга, ама првин треба и да ни се овозможат квалитетни услови додека работиме, за ,,Фокус” раскажува Павлинка Волканоска од Неготино, вработена во Центарот за социјални работи.
Таа заедно со своите колешки и колеги, вознемирени поради нападот врз социјалната работничка од Прилеп, ранета од огнено оружје, бараат итни мерки за заштита. Како што појаснува Волканоска, во Центарот во Неготино имало 20 вработени лица, од кои 17 жени и тројца мажи. Сите тие секојдневно сведочеле на разни испади додека ја вршеле својата работа, а конкретна заштита, односно обезбедување со физичко присуство, немале.
Доколку некој се однесувал насилно кон нив, единствено им преостанувало да се јават во полиција, да се надеваат дека додека да дојде полицијата нема да бидат физички нападнати и евентуално повредени од страна на насилниците со кои се сретнувале секој ден.
-За коса ќе те извлечам од шалтер! Ќе ти направам ова, ќе ти направам она, тоа се закани кои константно ги слушаме на работното место. Овде доаѓаат лица кои се жртви на семејно насилство, но доаѓаат и насилниците, ние мораме да работиме со сите нив. Доаѓаат наркомани, лица со ментално растројство, алкохоличари од кои редовно трпиме навреди и закани.
Повеќето мои колешки воопшто не пријавуваат, луѓето не сакаат да одат по судови, да си создаваат дополнителен стрес, но јас во два наврати пријавив во полиција, бидејќи без сериозно загрижена за мојата безбедност. Едниот случај заврши со условна казна за насилникот, другиот случај се уште е во процедура.
Не сме заслужиле да работиме во вакви услови, без заштита, без доволно безбедносни мерки. Бараме нападот врз нас се третира како напад врз службено лице, бидејќи овие напади се случуваат додека ја извршуваме нашата служба.
Да потсетиме дека ние работиме и на терен, имаме дежурства, секогаш кога има некој случај, социјалниот работник прв влегува на местото на настанот. Работиме и со мигранти, кога станува збор за деца – мигранти, ги застапуваме, изложени сме на болести и на секакви ризици. Бараме системски промени, вели Волканоска.
Во мај 2023 година, таа заедно нејзини колешки беше нападната во просториите на Центарот во Неготино, од страна на лице кое било корисник на социјална помош и било во алкохолизирана состојба. Со закани по живот до службеничките, со фрлање на шишиња, филџани, демолирање на канцеларијата, како и со вулгарни зборови, за да на крај дури и се соблече пред нив, по што службеничките некако успеале да се јават во полиција и да побараат помош.
Тогаш „Фокус“ пишуваше за настанот, и Волканоска уште пред две години алармираше дека работат под стрес, бидејќи се први на мета на лица од социјален ризик и дека се чувствуваат незаштитени како стручни работници.
– Јавноста можеби се сеќава на случајот кога со мои колешки бевме нападнати од лице, за кое откако беше приведено, дознавме дека со себе носело и нож. Без конкретна причина, тој целото свое незадоволство од животот и од системот го истури врз нас.
Истото се случува константно, постојано има слични настани. Човекот кој тогаш не нападна, сега е на лекување во специјална установа. Но, што ќе се случи кога еден ден повторно ќе биде пуштен на слобода? Дали ние да живееме во страв дека можеби пак ќе дојде и ќе продолжи таму кај што застанал?
Ете, тоа се случи со колешката во Прилеп! Мора да имаме системски промени, тоа е за доброто на сите. Работиме за плата од 30.000 денари, немаме бенефициран стаж, иако сме први на местата каде се случуваат тешки настани, а ете први сме на удар и од лицата од социјален ризик.
Настанот со колешката од Прилеп, која беше повредена од огнено оружје од страна на лице кое побегнало од психијатриска установа, нека биде сфатен сериозно, бидејќи мора да се започне со промени, вели Волканоска.
Додава дека ресурсите им се ограничени, и дури и да сакаат да напредуваат, самите мора да се потрудат да си овозможат услови.
-Немаме опрема за следење на обуки кои се одвиваат онлајн. Сакаме да ги следиме, да одиме напред, но едноставно, условите се тие. Мора да се поработи на тие теми, а секако и на најважната, а тоа е безбедноста на социјалните работници, како физичката, така и менталната. Се случува, излегуваме на повик, оставаме дома деца, а не знаеме на што ќе наидеме.
Работата воопшто не е лесна, голем број на социјални работнички даваат отказ, бидејќи се уморни да живеат под стрес, во страв, со секојдневно омаловажување и без конкретна заштита, појаснува социјалната работничка.
Освен од Неготино, и социјални работници од Прилеп и Тетово изразија јавна поддршка за нападнатата колешка.
Вики Клинчарова