За концертот на Чолиќ ќе биде поставена најголемата бина кај нас, на пет нивоа!

by fokus

Уште два дена остануваат од големиот концерт на балканската музичка ѕвезда Здравко Чолиќ, кој ќе се одржи на Арена Тоше Проески во Скопје, и на кој се очекуваат над 60.000 посетители.

Настанот е најавен како голем спектакл, со поставување на најголемата бина до сега кај нас, од 450 метри квадратни, на пет нивоа.
Исто така, организаторите, Прагма Продукција, најавуваат и ефекти кои не биле видени на нашите простори во минатото, со 230 расветни тела и многу пиротехника.

Концертот на Чолиќ ќе трае три часа и 30 минути, а предвиден е и посебен сообраќаен режим поради големата заинтересираност на јавноста за настанот.

Минатиот месец на средбата со медиумите по повод концертот, Здравко сподели дека е возбуден што ќе пее на отворено, пред огромна публика.

-Имам многу пријатели во Македонија, посебно во Скопје со кои се дружам. Нека концертот биде уште еден повод за дружба, и на 15-ти јуни заедно да испратиме порака за љубов, пријателство и мир, преку музиката која не поврзува – порача музичката ѕвезда.

Здравко Чолиќ е чест гостин во нашата земја. Неговите настапи, било да се на отворено, на градски плоштади во склоп на општински манифестации, или пак во концертни сали, секогаш предизвикуваат интерес кај јавноста.
Поради големиот број на публика, вратите на стадионот ќе бидат отворени уште од 17 часот, а се очекува и организирано доаѓање на посетители од повеќе градови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости