За кои поранешни и актуелни функционери се водат предистражни постапки?

Од 25 иницијативи за кривично гонење, колку што поднеле антикорупционерите до обвинителството во овие 3 години, се водат повеќе предистраги, со кои опфатени се директорот Николовски, пратеникот Исмаили, градоначалникот Садику, екс градоначалниците Жерновски, Тодоровиќ, Поцков, Георгиевски...

by Фокус

Во овие 3 години, Антикорупциската комисија до Јавното обвинителство поднела 25 иницијативи за кривично гонење на поранешни и сегашни функционери, но ниту една од нив не стигнала до фаза на истрага и не резултирала со обвинение пред суд, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Врз основа на податоците обезбедени согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, веќе објавивме дека ДКСК поднела 6 иницијативи за кривично гонење во 2019 година, 2 иницијативи во 2020, 7 иницијативи во 2021 и 10 иницијативи во тековната 2022 година, главно поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластвување и несовесно работење.

Дел од овие иницијативи веќе се отфрлени, но за некои се уште постапува ЈО. Во таа насока, како што не известија од ДКСК, во текот на 2019 година побарале кривично гонење за директор на Државен студентски дом за злоупотреба на службена положба и несовесно работење. Од таму не наведуваат за кого се работи, но на чело на оваа институција од 2018 до 2020 година е Дарио Николовски, кој моментално е директор на Агенцијата за енергетика

Според ДКСК, тој како директор на ДСД, при вршење на должноста и располагањето со средства, „не обезбедил законито користење и заштита на средствата во сопственост на јавната установи“. Тоа, како што наведуваат антикорупционерите, придонело кон недомаќинско располагање со имотот и сметката на институцијата.

Во врска со тоа, антикорупционерите велат дека добиле известување од обвинителството дека се постапува од страна на обвинителството за организиран криминал и гонење корупција. Во одговор што го добивме од ова обвинителство, пак, стои дека се „прибираат податоци од други институции со цел утврдување на фактичката состојба и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука“.

Во рацете на обвинителството за организиран криминал е и случајот поврзан со изградбата на висококатниците спроти „Холидеј ин“. Во рамки на предистражна постапка се преземаат повеќе дејства, така што од страна на МВР и надлежните сектори доставена е документација и издадена е наредба за градежно и архитектонско-урбанистичко вештачење, со цел утврдување на фактичката состојба.

Инаку, иницијативата се однесува за поранешните градоначалници на Центар Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, бидејќи, според ДКСК, заедно со општинските раководители за урбанизам и планерите, допуштиле да се донесе Деталниот урбанистички план „Голем ринг“, спротивно на насоките и параметрите од Генералниот урбанистички план.

Во меѓувреме, Комисијата побара кривична одговорност и за министерот за култура во периодот 2019-2020 година Хисни Исмаили поради неправилно доделување на средства на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес. Додека за овој случај се води предистражна постапка, Исмаили стана пратеник и чека да биде избран за потпретседател на Собранието.

Исто така, предистражна постапка се води по иницијативата против веќе поранешниот директор на МКЦ Русе Арсов, кој, според ДКСК, спротивно од Законот за јавни набавки склучил договор со компанија за организација на дочек на Нова Година во 2020 година. Веднаш потоа, Арсов беше разрешен од функцијата.

Воедно, активни постапки има и за неколку поранешни и сегашни градоначалници. Една од овие иницијативи се однесува за постапката за вработување и именување на директор на јавно претпријатие, а опфатен е поранешниот градоначалник на Гевгелија Сашо Поцков и уште две лица – екс директорот на гевгелиски „Комуналец“ Златко Зумров и советникот Миле Атанасов.

Годинава, пак, ДКСК поднесе пријава и против градоначалникот на Студеничани Азем Садику. Врз основа не неповолниот ревизорски извештај, антикорупционерите констатираа дека општината исплатила кон добавувачи над 2 милиони денари без покритие. За овој случај, обвинителството се обратило до надлежните сектори во МВР, со цел обезбедување на документација.

Воедно, ДКСК побара кривичен прогон и за поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, бидејќи дозволил изградба на објект пред да се изгласа маркицата и да се издаде одобрение. Додека за овој случај предистрага води Обвинителството за организиран криминал, Георгиевски веќе најде нова работа во МВР како главен инспектор за идентификација на ДНК.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости