Пишува: Ненад Живановски

Наполеон ги нарече седма сила – и од тогаш е останато така да ги нарекуваат до денешен ден. Нивното величество новинари. Да, ама на некое друго место, но не и на Вимблдон. Тука силата е скротена, баш како дресерот што го скротува крволочниот ѕвер, во малечко послушно маче.

Да бидам новинар-известувач од најстариот и најпрестижниот тениски турнир, за првпат оваа година  добив можност во мојата средовечна новинарска кариера. Го доживеав тоа како привилегија, исто како што ќе ви напишат кога ќе ви ја одобрат акредитацијата – акредитацијата е привилегија, а не право. И кон тоа ќе ви достават список што сѐ не смеете да правите во текот на 14-те дена известување од Турнирот.

Забрането ви е со мобилен телефон да фотографирате и снимате натпревари и прес конференции, преку Вибер и Вотсап да емитувате и секунда лајв стрим, да пренесувате лајв скор и уште десетина други забрани. Секако дека ретко кој од новинарите се придржува на овие правила; сите нешто фотографираат, снимаат, пишуваат статуси на Твитер со моментални резултати на теренот. Организаторот, исто така, тоа преќутно го толерира, но оној кој ќе „падне“ – тој ќе „го изеде“ за сите.

Ако видеото ги уби радио ѕвездите, тогаш дигиталната технологија потполно го уништи традиционалното новинарство. Точно, сѐ ви е на послужавник: и ексклузивни профи фотографии од теренот, и најдобрите поени, и стенограми од прес конференциите, и видео записи од истите тие прес конференции. Доволно е како новинар да имате отворен акаунт на медиа сајтот на Вимблдон, а дали известувате директно од Турнирот или од некој остров на Пацификот – нема никаква разлика во ексклузивитетот. За тоа му зборуваше Убалдо Сканагата, жива легенда на тениското новинарство, кој гренслемовите ги следи уште од далечната 1967 година,на својот помлад колега Слободан Марикиќ,од Би-Би-Си на српски јазик:

Не би требале да ја прифатиме идејата целата снимка од конференцијата за медиуми, веднаш по нејзиното завршување да се појави на Јутјуб. Федерер нешто зборува, ние му поставуваме прашања, и некој кој седи дома тоа попрво го гледа отколку што новинарот ќе стаса да ја напише изјавата, а камоли да го напише целиот текст… Сега ако сакате да зборувате со некој тенисер потребни ви се посебни барања и посебни дозволи кои нема да ги добиете ако не ги преколнувате. Зошто тогаш медиумите би праќале известувачи и вложувале пари во нив?“ – се прашува италијанскиот новинар.

Јас сум припадник на таа стара, традиционална школа на журнализмот, која учеше дека за новинарот не постојат затворени врати, ниту зборовите „не можам“ или „не знам како“. Новинарот мора да знае, а ако не знае тогаш мора да знае кој знае.

На прв поглед една сосема вообичаена прес конференција на Новак Ѓоковиќ, уште во првата седмица од Турнирот, по рутинската победа над Хуркач, во целост ја одреди мојата главна активност на Вимблдон. Го прашав Новак кога ќе ја посети Македонија. И, најискрено, очекував краток, куртоазен, дипломатски одговор, полн со финоќа и учтивост, но кој ништо конкретно нема да кажува. Меѓутоа, On countre! – што би рекол Дел Бој кога го практикува својот француски. Новак ме удостои со долг одговор, најдолг од сите поставени прашања на пресот. Како да му годеше тоа прашање, бидејќи, верувам, ретко кога на турнирите има прилика да сретне новинар од Македонија.

Зборуваше како едваи чекал да го посети Охридското езеро, да го види Скопје, каде никогаш не бил. Ексклузива која во Македонија веднаш ја пренесоа десетици медиуми и портали. „Ноле нѝ доаѓа во Македонија!“ – беа некои од насловите. Неколку часа потоа, веројатно под влијание на моето прашање, на Инстраграм се појавува снимка како Новак ја прославува победата над Полјакот и ја пее „Македонско девојче“. Нормално, македонските портали повторно реагираат промптно, се пренесува снимката, се редат коментари на обични луѓе: „Еве зошто е Ноле најголем“, „Ноле дојди нѝ во Македонија да те угостиме како роден брат“, „Ние се срамиме од нашите народни песни, а Ноле гордо ги пее“. Во наредните 24 часа еуфоријата достигнува кулминација, така што во недела на 07.07., и премиерот Зоран Заев ја „користи гужвата“ и тој да се огласи. Јавно го поканува во негово име и во име на Владата, Новак Ѓоковиќ да биде гостин и ги посети Охрид и Скопје.

Чувстувам дека имам приказна која спонтано се заврте и која може да се заокружи со разговор со Новак. Колегите од Спорт Клуб Коле, Вишко и Цвијо ми излегуваат во пресрет разговорот да се сними со нивна опрема. Ми останува само да ѝ ги објаснам на Елена, нолетовата ПР менаџерка, мотивите за разговор и да ја ефектуирам целата приказна околу Ѓоковиќ и Македонија. Сепак, се решавам да одам по регуларен пат, легалистички. Доставувам во прес службата на Турнирот молба за разговор, после мечот со Гофан. Ја објаснувам и темата за која би разговарале. Наскоро добивам одговор и големо изненадување: молбата ми е одбиена од страна на нолетовиот тим!? Се консултирам со Коле и Вишко, тие ми советуваат да разговарам директно со Елена, бидејќи писмените барање не помагаат многу, туку само личен контакт со Елена. Сепак, повторно решавам да ги почитувам правилата на домаќинот и повторно доставувам молба за разговор, овој пат после мечот со Баутиста. Одговорот – повторно негативен.

Конечно прифаќам дека со крст на чело денес не се оди на Вимблдон да се известува и решавам да почнам да го применувам старото анархистичко правило: кога законите се против интересите на граѓаните, граѓаните имаат право да не ги почитуваат. Преоѓам на План Б: герила новинарство. Нолетовата прес конференција се завршува и ѝ приоѓам на Елена. Се обидувам да ѝ објаснам дека два пати сум доставил молба за краток разговор со Новак и дека сум известен дека таа ги одбила моите барања. Елена ми одговара дека ништо не добила ниту одбила. Во тој момент проаѓа покрај нас Ноле и решавам директно да го прашам за интервју. Тој збунет застанува, почнува со Елена нешто да зборува на италијански, гледам климнува со главата и си заминува. Елена се враќа кон мене, сета вцрвенета во лицето и луто ми кажува ова да ми е последен пат вака да работам. Уште многу нешто ми изназборе во лутината, јас стоечки ја ислушав, за на крај да ја прашам: „Дали е во ред за интервјуто?“.

„This time is ok, but never ever do this again!“

Во мене експлозија од радост и воодушевеност, која може да се спореди со онаа кога на 17 години го направив моето прво интервју, со тогашната голема кошаркашка надеж. Беше тоа Александар Саша Ѓорѓевиќ. Добро е, сѐ уште се држам, новинарскиот жар не ме напуштил.

Трчам кон ТВ студиото да го снимам разговорот со Ноле. Внатре колегите од српската РТС веќе разговараат со него, после нив Спорт Клуб, па јас. Одеднаш и од никаде ми приоѓа непознат лик, кој ми се обраќа на англиски со италијанска мелодичност во изговорот и ми кажува дека нема да можам да го снимам интервјуто. Тоа е вториот ПР на Новак, Едоардо. Го прашувам како не можам, кога ми е дозволено. Тој држи до своето дека молбата ми е одбиена, јас му објаснувам дека имаме нова ситуација, во која Елена, по консултација со Новак, ми дала дозвола да се сними разговорот. Сомничаво ме гледа и ми одговара дека ќе проверел.

Излегуваат од ТВ студиото колегите од РТС, и влегува внатре Едоардо да ја провери мојата приказна кај Елена, во присуство на Ноле. После пар минути излегува заедно со Елена и ми кажуваат:

„Жал нѝ е, но не можете да снимате разговор еден на еден со Новак, бидејќи вие известувате за новинска агенција и немате право на телевизиско снимање.“

Повторно се обидувам да им објаснам дека аголот на мојата приказна е поинаков, не е конкурентски во однос на останатите телевизии и дека сакам да го прашам Новак за неговата изјава за Македонија и за јавната покана која му ја упатил премиерот лично.

“Yes, we understand, but not this time!” – беше нивното последно.

Си заминувам. Се чувствувам разочарано, посрамено, понижено. Како да сум направил некој невиден скандал. А, само си ја работев мојата работа. Најголем грев ми беше што сум го замолил Новак „од нога“ за интервју. И тоа ја згрози Елена, која, патем кажано, доаѓа од земјата од каде потекнуваат папараците.

А, имав само две прашања за „нашиот Ноле“, кој сака да го види Охрид и Скопје и кој ја пее „Македонско девојче“.

  1. Што би им порачал на твоите навивачи во Македонија, кои со нестрпление те очекуваат да ги посетиш?
  2. Бидејќи често изјавуваш дека на меѓународните натпревари секогаш ги поддржуваш клубовите и репрезентациите од поранешна Југославија, дали те израдува успехот на Вардар, кој пред еден месец постана Европски шампион во ракомет?

 

И, да, признавам, имав и скриен пеколен план. Планирав на крајот од разговорот да му подарам на Ноле, за мене драг дар – дрес на Вардар со број 7, кој беше носен на фајнал форот во Келн и кој му донесе среќа на Вардар по втор пат да постане европски првак. На Новак да му биде од среќа, по петти пат да го освои Вимблдон.

Можноста да го поставам првото прашање ми се пружи на завршната, победничка прес конференција, кога Новак повтори дека мора да дојде да го види Охрид и им се заблагодари на своите навијачи во Македонија за поддршката.

Можеби е и добро што сѐ вака се заврши. Новак ја освои петтата титула и без дресот на Вардар во негова близина, а на мене за наук дека подарок не се подарува. Колку и да е намерата искрена и од срце.

И, да – новинарите никој не ги „врти“, но и без нив не се може. Дигитални или традиционални сеедно.

 

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.