За една недела починале 100 пациенти од Ковид 19, од кои само 60 за четири дена

by Fokus

Во последните неколку денови секојдневно се појавуваат алармантни бројки на починати од Ковид 19, со што вчера  се достигна црниот рекорд од 22-ца починати, покажуваат дневните извештаи на министерството за здравство. Денешниот биланс, пак изнесува 15 починати пациенти, кои биле носители на опасниот вирус.

Според податоците од Институт за јавно здравје, само за една недела починале 100 заразени од корона вирусот, од кои 60 за само четири дена. Меѓу нив е и 36-годишно момче од Дебар, кој вчера се најде на списокот на починати. Возраста на починатите се движи од 30 па се до 80 години, иако најголем број се тие над 60 години, додека пак во последниот извештај на ИЈЗ, возраста на заразените се намалува, па така најмногу носители на ова вирусно заболување се од 30 до 39 години.

„Фокус“ досега објави неколку текстови за тоа кои се причините за зголемената смртност на пациентите, односно што е тоа што го предизвикува наглото влошување на состојбата, па самиот вирус може да предизвика мозочен и срцев удар, нарушување на белите дробови, откачување на тромб… Повеќето од лекарите тврдат дека предоцното јавување на лекар е само една од причините.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека ад 85 отсто од починатите пациенти со ковид-19 имале и други хронични болести.

„Огромен процент од пациентите се со коморбидитети, значи тешка форма на друга хронична болест од која биле лекувани долго време. Понатаму, сериозен број пациенти кои навистина доцна доаѓаат во болница со веќе многу тешка манифестација на болеста. Тоа е тренд што нѐ следи од почетокот, ние од почеток имаме една одредена бројка, ама сега генерално се зголеми бројката на пациенти кои доаѓаат доцна во болница. Над 85 проценти од починатите се пациенти кои имаат коморбидитети“ истакна Филипче. 

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 27199, бројката на оздравени пациенти е 18948, на починати е 934, а бројот на активни случаи изнесува 7317.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости