За еден ден во ковид центрите во Скопје хоспитализирани 52 пациенти, вкупно се лекуваат 437 лица со Ковид-19

by Fokus

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 437 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, како што наведуваат, на интерните клиники имало вкупно 24 приеми и тоа пет пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, двајца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за очни болести, тројца болни на Клиниката за нефрологија и седум во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 13 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника нови 11 приеми во тек на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.

– Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 14 пациенти, на Клиниката за неврологија 31 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симтоми на корона вирусот. На Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 22 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 12 пациенти, а на Клиниката за уво нос и грло 12 болни, информираат од Министерството.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 105 пациенти, на Клиниката за инфективни болести лежат 152 болни, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 23 пациенти, од кои 10 деца и 13 возрасни.

Вкупно 437 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

– И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 70-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември, велат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.

Поврзани новости