За два дена вакцинирани 453 здравствени работници

by Fokus

Министерството за здравство информира дека 453 здравствени работници кои работат во ковид центрите се вакцинирале во изминатите два дена. Имунизацијата на медицинските работници се одвива непречено и со полн капацитет во модуларната болница на КИБФС во Скопје, каде се поставени 6 вакцинални позиции, се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота.

Во тек е имунизација со вакцината од производителот Фајзер, а кон крајот на месецот во нашата земја се очекува да стигне и вакцината на кинескиот производител Синофарм, од каде во директни преговори купени се 200.000 вакцини против Ковид 19.

Министерството за здравство информира дека Република Северна Македонија преку КОВАКС механизмот има обезбедено 833.000 дози вакцини. Правата испорака која ќе пристигне во нашата земја ќе биде со вакцината АстраЗенека, од која првата количина е планирано да стигне во март. Од оваа вакцина за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Во правата испорака на Ковакс механизмот за вакцини Фајзер вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите кои почнале сопствени програми за вакцинација против Ковид 19.

Министерството за здравство апелира дека сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните.

Поврзани новости