За дотерување на арената „Филип Втори Македонски“ за Суперкупот се потрошени над 2,4 милиони евра

by fokus

Директорот на АД за изградба и за стопанисување со станбен и деловен простор (ПУИГ) Цветко Грозданов вчера најави дека деновиве ќе поднесе тужба против градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, бидејќи го довел во заблуда, но го обвинил дека на арената „Филип Втори Македнонски“ се вршат незаконски дејствија и дека одржувањето на Суперкупот на УЕФА во август е доведен во прашање.

Грозданов појасни дека Општина Центар прво му издала одобрение за градба на земјиштето во рамки на арената каде што треба да бидат поставени возилата за пренос на Купот, односно за медиумите, а потоа, по два месеца се прогласиле за ненадлежни, поништувајќи го претходно издаденото одобрение.

– Ги уверувам граѓаните дека одржувањето на Купот на УЕФА ќе се одржи и во ниту еден случај нема да биде доведен во прашање. Ништо нема да не поколеба да го завршиме проектот, независно дали нашата институција ќе има дополнителни трошоци или какви било финансиски импликации кон изведувачот, рече Грозданов.

Од септември лани, па се до сега, за дотерување на арената се потрошени над 2,4 милиони евра. Тендерот, тежок над 2,1 милион евра беше склучен лани во септември, а според податоците објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, ПУИГ ја избрало фирмата ВИА ИНЖИНЕРИНГ ДОО увоз-извоз од Вевчани, која треба да ги заврши предвидените градежни, градежно занатски и инсталатерски работи.

На тендерот учествувале 6 компании, а иако како услов е наведено дека ќе се избира според најниската добиена понуда, сепак е избрана малку поскапа, бидејќи најниската понуда била 1,8 милиони евра, а е избрана понуда од 2,1 милиони евра. Дополнително, оваа фирма доби уште 300.000 евра, кои беа оправдани со склучувања на два анекс договори, без објавување на оглас.

Дека на Арената и е потребно дотерување било одлучено на Сто и единаесетата седница на Влада, одржана на 13.10.2015 година, а на седица одржана по еден месец донеле заклучоци.

„Акционерското друштво да ги утврди приоритетните фази на изградба за обезбедување на просторни и технички услови за одржување на УЕФА Супер Купот во фудбал, да го утврди обемот на измени и дополнување на техничката документација и да започне со постапка за измена и дополнување согласно позитивните законски прописи на Република Македонија, да подготви акциски план со конкретни рокови за преземање на сите потребни активности во врска со Национална Арена Филип II Македонски согласно барањата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и други, пишува во образложението за склучениот тендер.

В.В.

Поврзани новости