За дијалогот

by Фокус 12:38
12:38

Пишува
Х
. Сулејман Реџепи

Дијалогот генерира толеранција а толеранцијата се зајакнува преку почитувањето на човековите права. Значи, дијалогот, толеранцијата и човековите права се трите основни извори кои ја хранат благосостојбата и напредокот на човештвото во сите животни сфери. Врз овие три столба е изградена и суштината на животот.

- Advertising -

Несомнено, врз овие столбови е издигнат и политичкиот систем збиен со спектар од правила кои гарантираат ред и сигурност во демократските општества. Се друго надвор од овие три столба е диктатура, анархија, декаденција…

Во самиот почеток на текстот подвлеков дека овие три животни извори на човештвото му даваат смисла на животот! Овој факт го среќаваме уште во самиот зачеток и за време на сите историски развои и процеси на човекот. Го среќаваме и низ раскажувањата на светите книги, а на многу јасен начин го среќаваме особено во Куранот.

Во Книгата на Светлината, дијалогот, како процес кој отвора пат на мирот (благосостојбата), е света категорија. Секогаш кога ќе се постигнела оваа правична перцепција помеѓу луѓето, надвладеало повеќе љубов, повеќе почит, толеранција и мир.

Дијалогот не е процес кој исклучиво им припаѓа на двајцата посилни, на две страни кои не попуштаат, или на два субјекта веќе изморени од конфликти и војни. Дијалогот е средство кое им припаѓа на сите оние кои настојуваат да се сметаат себеси за набожни, чесни, морални, суштества на еден Апсолутен Создател.

Сите оние кои се сметаат за „апсолутна сила“, значи, диктаторите, ја исклучуваат можноста за решавање на општествените проблеми преку дијалогот. Таквите се одрекувачите на Апсолутната Сила, значи, тоа се следбениците на патот на Ѓаволот.

Дијалогот како процес на разбирање го има својот историјат и во христијанскиот свет. Го среќаваме и во Библијата. Познат е дијалогот помеѓу Христос и Ѓаволот. Исходот на разговорот ни дава до знаење за раното пријателство помеѓу овие две суштества на Апсолутниот Создател.

И во Библијата улогата на Ѓаволот е улога на провокатор, на искушител. Со цел доведување на неговиот идентитет во дилема како и обидувајќи се да го заниша верувањето во Бога, Ѓаволот му се обраќа на Христа со зборовите „Ако си ти Божји син…!”

Целта на Ѓаволот е да провоцира непослушност или тврдоглавост во Христа, но Божјиот посланик (Исa – мирот и милоста на Бога нека бидат врз него) одбивајќи ја провокацијата и не сакајќи да ја посведочи својата моќ претворајќи го лебот во камен (да го множи тој леб за сите негови следбеници), всушност  му дава до знаење на ѓаволот за неговата непоколеблива сила на верување во Семоќниот Создател од кој што извира животот.

Вака не учи Библијата, додека во Куранот, дијалогот како процес на постигнување спогодба ја достигнува категоријата на свет чин.

И во Куранот е познат дијалогот помеѓу Господ и Ѓаволот, на кој му претходи тој помеѓу ангелите и Господ. Значи, не само со добриот, нежниот и прилагодливиот може да се преговара до постигнување решение на еден проблем, туку оваа прилика треба да му биде понудена и на „лошиот”.

Во секојдневниот живот, зачудувачки, како да се смениле улогите на оние што се повикуваат или сами се определуваат за водење дијалог. Политичкиот властодржец го користи дијалогот само за да го убеди својот опонент да се потчини на неговата „апсолутна сила“!

Во спротивно  го очекуваат репресивни мерки, потчинетост, освоеност, уценување… Дали е ова целта на дијалогот? Кога тоа би била целта, тогаш, несомнено дека уште на самиот почеток, Семоќниот Алах немаше да го проколне ѓаволот по одбивањето да се наклони пред Адам, туку ќе го искоренуваше, па дури и самиот поим, како концепт или пак како фикција.

Дијалогот не е средство кое му се одредува „на силниот“ за да се постигне потклекнување, понизно покорување на послабиот; дијалогот не е средство што треба да се користи за да се „рефлектира“ политичката супериорност наспроти опонентот, ниту пак може да се користи како средство за каршилук (дрскост).

Дијалогот не може да се користи како дисциплинско средство за политички незадоволните, или за бунтовниците. Дијалогот, над се е чин, кој нашиот Создател го има развиено за да покаже за светоста не само на толеранцијата и соживотот туку и на почитувањето на правата на човекот.

Дијалогот се води за да се изнајде компромис за изнаоѓање решение на начин што ќе се договараат страните, решение што ќе биде прифатено од сите страни учеснички во дијалошкиот процес.

Ѓаволот ја одби наложбата на Господ да се наклони на првиот човек!: „Еј Иблис (Ѓаволе), што те натера да не потклекнеш на сеџде пред оној кој го создадов Сам со Свои раце? Да не стана надмен или пак мислиш дека си од возвишените?“ Иблис рече: „Јас сум подобар од него. Мене ме имаш создадено од оган, додека него од калта“. (Sa’d: 38-75/76)

Наредните стихови (ајети) на ова суре се „камен-темелник“ на институцијата на толеранцијата – соживотот и слободата на човековите права. И покрај обидите на Иблис/Ѓаволот да дувне во огнот и да го разгори преговорот, Создателот на Универзумот му нуди друго алтернативно дејствување, не затоа што нема друг излез, туку тоа беше момент на пренесување на пораката „кога Господ толерира секого од своите суштества, под чија потчинетост се и земја и небо, тогаш зошто човекот подивува кон своите суштества.“?!

Господ го протера од Рајот проколнувајќи го поради неговата тврдоглавост но му го испочитува барањето кога му рече: O Мој Господе, дај ми рок до денот кога тие ќе воскреснат! Господ рече: „Во суштина, тебе ќе ти биде даден рок до еден одреден ден (кога ќе се свирне во Сур за прв пат). (Sa’d: 38-79/81).

Дијалогот ќе продолжи и понатаму! Ѓаволот ќе се колне во Неговото Височество дека ќе работи дење-ноќе за да ги измами сите, освен Неговите искрени следбеници. Тоа е моментот кога се нагласува дека светот ќе се поларизира/разделува, ќе се распадне, дека ќе има конфликти и рушења како последица на ѓаволските занеси.

Сите проблеми, страдања, рушења ќе паѓаат врз рамењата на суштествата на Господ. Зарем немаше моќ Господ уште на почетокот да ја запре оваа лошотија на човештвото? Несомнено дека имаше! Но, Господ, откако ја прогласи Вистината, всушност им даде целосно право и слобода на сите, да се позиционираат според желбите, лакомоста, ориентирањата и убедувањата на секое суштество.

Сите оние кои ќе ја избегнуваат Вистината следејќи го патот на Иблис (Ѓаволот), сите тие ќе бидат жители на Пеколот. Значи, тие што ќе се придружат на пламеното суштество (Ѓаволот беше создаден од пламен), на тоа суштество закопчано со ирационалноста, сите тие завршуваат во оган, односно боишта и  уништувачки војни.

Благосостојбата не може да ја зачува и гарантира никаква човечка сила ниту пак некоја техничка сила oсвен дијалогот, кој генерира разбирање и толеранција, го издигнува замокот на слободите и на човековите права. Границите на овие права на совршен начин ги има одредено веќе прогласената Вистина.

До оваа Вистина се достигнува само преку искрен дијалог, дијалог кој гарантира почит, слобода и развој за сите суштества на Господ. Сите оние што го имаат задушено дијалогот, тежнеејќи да ја проследат „власта на господ“ врз суштествата на Господ, сите тие (владетели, диктатори и тирани) завршиле без белег и глас.

И сурето (поглавјето) кое во овој случај ни послужи за да ја расклопиме важноста и вредноста на дијалогот завршува: овој Куран е поука за целиот свет! И со сигурност, вие многу бргу ќе ја дознаете вистината! (Sa’d: 38-87/88)

(Авторот е Поглавар на ИВЗ на РМ)

Поврзани новости