За да станеме дел од ЕУ ќе треба да се справиме и со загадувањето, најобемното поглавје 27 тежи и најмногу во пари

by fokus

Со почетокот на грејната сезона, повторно се актуелизира горкиот проблем со загадувањето. Досегашните мерки не покажаа видливи резултати, а властите се правдаат дека загадувањето не може да се реши преку ноќ.
Поголема активност и ангажман на ова поле се очекува по отворањата на поглавјата за преговори со ЕУ, особено на Поглавјето 27 за животната средина.

Еколошкото законодавство на ЕУ содржи над 700 нормативни акти и претставува едно од најобемните поглавја кои соодветно треба да бидат пресликани во македонските закони и потоа да се спроведуват.
Искуствата од другите земји покажува дека ЕУ секогаш како џокер го држи Поглавјето 27, бидејќи без постигнување на потребните стандарди за животната средина и човековото здравје, е невозможно да станеме дел од ЕУ.

„Според последниот извештај на ЕК, Северна Македонија има „одредено ниво на подготвеност“ во Поглавјето 27, а се бележи „ограничен напредок“, исто како и во минатиот извештај за 2019 година. Оваа се посочува во извештајот „Аргумент повеќе за преговорите“, кој е изработен од страна на Институтот за европска политика –Скопје.

Експертите забележале и дека од хоризонталните прашања, посебно загрижува констатацијата дека административниот капацитет за заштита на животната средина е на ниско ниво, а дополнителен проблем се и финансиските ресурси со кои треба да се спроведува законодавството.

А дека ова поглавје чини многу пари, предупредуваше и поранешниот заменик министер за животна средина Јани Макрадули.

-За да ги задоволиме стандардите за спречување на штетните емисии во воздухот, потребни се стотици милиони евра, изјавуваше Макрадули.

Дека стоиме во место кога станува збор со загадувањето, се наведува и во последниот извештај на ЕК.

„Во поглед наквалитетот на воздухот, бавно се реализира Програмата за смалување на загадувањето на воздухот, а соработката помеѓу централната и локалната власт е недоволна. Се проценува дека бројот на загадувачи е далеку над дозволените граници на ЕУ и загадувањето на воздухот е најголемо во поголемите градови. Мрежата за следење на квалитетот на воздухот е обновена, но потребно ѝ е натамошно зајакнување. Комисијата го забележува и зголеменото барање од јавноста за построги мерки против загадувањето на воздухот, вклучувајќи ја и првата граѓанска тужба. Оттаму, една од клучните препораки е унапредувањето на меѓусекторската соработка и зголемувањето на финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот на национално и на локално ниво“, се наведува во извештајот „Аргумент повеќе за преговорите“, изработен од страна на Институтот за европска политика –Скопје.

Од невладината организација Еко свест велат дека во извештајот со право се забележува дека постои потреба од подобрување на пристапот до информации, учество на јавноста и консултирање во процесот на носење на одлуки од значење за животната средина и климата.

-Во делот на аерозагадување сѐ уште се забележува дека недостасува соработка помеѓу институциите како и имплементација на плановите кои веќе ги имаме. Според нас, меѓусекторска соработка недостасува и во сите други области во поглавјето 27, и сметаме дека е повеќе од потребно сите институции да имаат обучено и стручно лице кое ќе биде посветено на соработката со другите институции во справување со итни теми како аерозагадување, климатски промени, заштита на биодиверзитет. За подобра имплементација на општинските планови за аерозагадување потребно е подобро информирање и консултирање на одлуките со граѓаните како и консултирање на општинските планови со националните како не би имале мерки кои си пречат една на друга, наместо да се надополнуваат, велат од Еко свест.

В.В.

Поврзани новости