За „архитектурата“ на денешниот политичар

by Fokus

Ќе дојде мигот кога ваквиот прототип на политичар од денешнината полека ќе исчезне во историјата, токму поради таквата (само)изолација. А во меѓувреме, силно верувам во моќта на поединецот и во способноста да процени кој треба да управува со неговиот живот

Пишува Арбен ТАРАВАРИ

На времето, еден од водечките филозофи во античка Грција, Платон сметал дека само праведен живот ќе ги направи граѓаните праведни. За него политичарите биле највисоката класа во општеството, луѓе што треба да бидат лишени од каква било суета, егоизам, љубомора или стремеж за лични придобивки на сметка на општото добро.

Но, ајде да погледнеме кон современите политичари, на наш терен. Да видиме каква е сегашната архитектура на политичарот. Неретко, со менталитет на камуфлиран тиранин, денешниот политичар става врз себе наметка на чесен човек, за потоа, откако ќе биде избран, со леснотија да ја симне и да си дејствува како што си знае и умее.

ПРАЗНОТИЈА И ТРИВИЈАЛНОСТ

Ако, според Платон, идеалниот политичар требало да води аскетски живот во однос на материјалните добра, за да нема никаква можност за корупција и да се посвети само на својата држава, за денешните политичари, се чини, како да им е предизвик обратното. Па, затоа, не е за чудење што постои неморал, грабеж и измами.

Во античката филозофија, да се биде политичен, да се живее во полис, значело сè да се решава со помош на зборови и убедување, а не преку сила и насилство. За античките Грци, полисот, исто како и res publica за Римјаните, бил гаранција против јаловоста на индивидуалниот живот.

За жал, денес, една од најзабележливите работи и особености на опкружувањето во кое живееме е недостигот од мислење и битката по сопственото воздигнување на сметка на тој со кој се владее, наметнувањето и повторувањето на „сопствената вистина“, до степен на празнотија и тривијалност.

Платон, според неговиот речник, би нè прогласил за „Болна држава“. Опкружување во кое постои лишеност од објективната поврзаност со другите и од реалноста што ја гарантира таквата релација.

ИЗОЛИРАЊЕ НА ТИРАНИНОТ

Но, во природата на почетокот е да се почне нешто ново што не може да се очекува врз основа на она што се случило претходно. Многу денешни политичари го забораваат фундаменталниот услов на политиката, а тоа е дека таа се одвива меѓу повеќе човечки суштества, при што секое од нив може да дејствува и да почне нешто ново.

А фактот дека човекот е способен да дејствува и да се спротивстави на малициозноста околу себе и да се ослободи од неповолните, па и деструктивни штети што ги предизвикуваат некои политичари денес, значи дека од способните поединци може да се очекува неочекуваното. Поединци што може да го изведат она што е бесконечно неверојатно и полека да ги истиснат од сцена тие што ја создаваат и ја одржуваат „болната држава“.

Убаво опишал Монтескје дека „впечатлива карактеристика на тиранијата е дека таа почива на изолација, на изолирање на тиранинот од неговите поданици и на изолирање на поданиците едни од други поради стравот и сомничавоста што го чувствуваат едни кон други“.

Ќе дојде мигот кога ваквиот прототип на политичар од денешнината полека ќе исчезне во историјата, токму поради таквата (само)изолација. А во меѓувреме, силно верувам во моќта на поединецот и во способноста да процени кој треба да управува со неговиот живот!

 

Поврзани новости