За адвокатот Дангов, Груевски не бил бегалец, туку барал азил, а обвинителката Фатиме му порача да замине за Унгарија и таму да дели совети

by fokus

Бидејќи веќе неколку дена е во бегство, во Унгарија, екс премиерот Никола Груевски не се појави на денешното рочиште за “Насилството во Центар”.

Од затворот “Скопје”, пак со затворска полиција, беше спроведен екс министерот Миле Јанакиески.

На денешното рочиште обвинителката Фатиме Фетаи побара на Груевски да му се суди во отсуство, бидејќи рече дека не може да се предвиди кога обвинетиот ќе биде достапен.

Адвокатот Димитар Дангов пак од судот побара постапката за Груевски да се раздвои. Како што рече Дангов, позната била адресата на која се наоѓал Груевски, па затоа тој не бил бегалец, туку го искористил правото да побара азил. Обвинителката Фатиме реагираше дека Дангов зборува за друга околност, за азил, па му препорача на Дангов да замине во Унгарија и таму на Груевски да му дава правни совети за азил.

Потоа обвинителката Фатиме од судот побара на Груевски да му определи и притвор. Таа потсети дека во текот на вчерашниот ден на Груевски му бил одреден притвор за случајот “ТНТ”, но истакна и дека секој предмет бил засебен.

Судот донесе одлука на Груевски да му се суди во отсуство, а за мерката притвор ќе одлучат откако од Собрнието ќе добијат известување дека за пратеник се бара притвор.

Поврзани новости