За 700 денари пеевме, не е исфрлена строфата, туку се работи за стар аранжман, реагира Елена Петреска за изведбата на песната „Во борба, во борба”

by fokus

Бурни реакции во јавноста, по вчерашната изведба на песната „Во борба, во борба” отпеана од страна на МОБ за време на отворањето на прославата за Илинден во Крушево, а од која беше изоставен стихот во кој се спомнува Гоце Делчев.

-Излеговме ние смели партизани, над нас на Гоце знамето се вее, во гори, полја и на сите страни, фашистичка крв насекаде се лее – не беше дел од изведбата, со што се покрена лавина од реакции и обвинувања на социјалните мрежи, и се актуелизира прашањето кој и зошто го исфрлил тој дел од текстот на песната.

Сепак, како во коментар на социјалните мрежи појаснува поп пејачката Елена Петрска, која е дел од МОБ, аранжманот на песната бил направен пред повеќе од десет години, и никој со сила не можел да ги натера хористите да менуваат текст или да пеат поради нечиј интерес.

-Не е исфрлена, зошто паѓате веднаш на провокации, аранжманот кој го пеевме е стар сигурно повеќе од една деценија. Не е направен специјално за оваа пригода, а и не може никој да не натера со сила да пееме или менуваме нешто заради нечии интереси. Тоа го тврдам!

Се плука по нашата работа, а таму пеевме за дневница од 700 денари, при што цел ден се печевме на сонце.

Не е фер да се измислуваат приказни за нечиј труд! Тријат раце порталите од читаност за вакви приказни на кои само подводливи луѓе веруваат – реагира Петреска на објава од нејзиниот колега Владимир Блажев од дуото ДНК.

Тој реагираше дека химната и песните напишани од маката на народот никогаш никој нема да може да ги смени, а оние кои ја исфрлија строфата на настанот во Крушево, ги нарече предавници од кои ќе се срамат нивните поколенија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости