За 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани 65 лица, вкупно се лекуваат 459 пациенти

by Fokus

Во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализирани 65 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што вкупниот број на лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19 кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град достигна 459.

Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 20 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, по шест во ковид центарот на Клиниката за неврологија и на Клиниката за нефрологија, четворица болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, а еден во новотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 28 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 17 лица.

Во изминатите 24 часа од болниците се отпуштени 33 оздравени пациенти

– Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 52 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 24 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести еден пациент, се додава во соопштението.

Во, исто време, во ГОБ 8 Септември има вкупно 100 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 40 пациенти, од кои 9 деца и 31 возрасни.

– Вкупно 459 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември, се додава во соопштението.

Поврзани новости