Владата денеска ќе ги испрати кандидатурите за наследник на Зврлевски до Советот за јавни обвинители

by fokus

Откако „Фокус“ објави дека кандидатурите за новиот наследник на Зврлевски се заглавени во Влада, од таму стигна информација дека во текот на денешниот ден истите ќе бидат испратени во Советот за јавни обвинители, кој треба да ги оцени пријавите.

Кандидатурите се наоѓаат веќе две недели во Владата. Според процедурата, Владата откако ги доби пријавите од Собранието, треба да ги испрати на оцена во Советот на јавни обвинители, но таму се уште не стигнале.

Според законската процедура, Советот на јавни обвинители на барање на Владата во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон.

Потоа Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење.

Доколку, пак, Советот во рок од 15 дена не даде мислење за предложените кандидати, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно.

Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.

Во тој случај, неговата работа ја врши обвинител, кој го определува Советот на јавните обвинители.

Како што веќе објави „Фокус“, како фаворит во трката на која се пријавени 23 кандидати, се издвојува актуелниот член на советот на јавните обвинители Љубомир Јовески, кој беше и поранешен заменик на републичкиот јавен обвинител.

Меѓу пријавените кандидати се адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Александар Тортевски, професорот Сејфула Османи и нотарката Лорија Ваневска, кои и јавно најавија дека ќе се вклучат во трката.

 

Валентина Вурмо

Поврзани новости