Шекеринска и Сугарески од Прилеп: Нема да запрат отпочнатите демократски процеси

by fokus

Секоја генерација има своја борба, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното одбележување на празникот „Ден на народното востание – 11 Октомври“ во Прилеп.

-Нашата држава покажува дека е зрела да продолжи да ја развива демократијата и економијата и да ја зајакнува безбедноста, и дека на овој ден, покрај почитта која ја даваме на загинатите борци, време е да се посветиме и на оние кои денес безрезервно ја штитат нашата држава и државни интереси – изјави министерката.

Затоа, нагласи Шекеринска, Владата на Република Македонија во буџетот за 2018 година успеа да обезбеди 10 проценти зголемување на сите плати во АРМ.

На традиционалното одбележување на празникот владината делегација беше предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Сугарески го честиташе големиот празник на народната борба за слобода и независност, и истакна дека „борбата за европска Македонија се темели и почива на она што значи слобода, демократија и човекови права.“

-Демократските и развојни процеси кои се отпочнати нема да запрат и Република Македонија ќе биде пристојно место за живеење каде младите ќе сакаат да останат за да го градат својот живот – изјави тој.

Поврзани новости