Андонов обвинува дека МВР е претворено во СДС

by fokus

Владата на СДСМ преку противзаконита употреба на полицијата врши напад врз демократијата и слободната мисла во Република Македонија, обвини Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Министерството за внатрешни работи јавно призна дека го прислушкува врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа Република Македонија е единствена земја каде власта смета дека е легално да се прислушкува раководството на опозицијата. Притоа, формално оправдување на СДС изнесено преку МВР е дека за оваа недемократска и противзаконита постапка се има одобрение од Јавното обвинителство, кое упорно се употребува како алатка за притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и воопшто врз граѓаните на Република Македонија“ рече Андонов.

„Иако претходно директорот на УБК во интервју на национална телевизија изјави дека МВР повеќе не врши прислушување на комуникациите, само по еден месец МВР ја демантира оваа изјави и призна дека ја прислушкува опозицијата“ истакна Андонов.

МВР предводено од СДСМ, како што вели Андонов, свесно манипулира со граѓаните и ги злоупотребува законските процедури меѓу другото и во врска со следењето на комуникациите како дел од посебните истражни мерки и постапки.

„СДС злоупотребувајќи ја полицијата за сопствени партиски цели, ја претвора државата во партија, а партијата во држава. МВР наместо да работи како служба за потребите на граѓаните и заштита на нивната лична и јавна безбедност, работи како партиска испостава на СДС. Нема ништо од заштита на националната безбедност и националните интереси на Република Македонија, туку во целост се работи на заштита на партиските цели и интереси на СДС преку злоупотреба на истражните органи во Републиката“ додава Андонов.

Според него, очигледно е дека СДСМ и не знае да владее поинаку, па токму затоа се навраќа на старите и за нив добро познати недемократски методи како прикривање на настани, нарачани истраги, полициски притисоци, закани и уцени.

„Нарушени се демократијата, слободната мисла и политичкиот плурализам во државата. Затоа бараме под итно да се направи стручна експертиза од меѓународни и домашни експерти кои ќе ја утврдат ситуацијата со следењето на комуникациите од страна на МВР. Убедени сме дека јавноста ја препознава нечесната злоупотреба на полицијата од страна на СДС. За овие скандалозни постапки и злоупотреби на МВР некој ќе сноси одговорност“, изјави Андонов.

 

Поврзани новости