Вучиќ: Западен Балкан може да биде моторот на Европа доколку се формира заеднички пазар

by fokus

Српскиот претседател Александар Вучиќ во врска so иницијативата мини-шенген што ја покрена со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во разговор со преставници на Атланскиот совет изјави дека Американците ја поддржале десет пати повеќе од Европејците и дека тој „се прашувал зошто е тоа така“, како и дека регионот на Западен Балкан би можел да биде мотор на развојот на цела Европа доколку се формира единствен пазар во рамките на иницијативата „Мини Шенген“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на прашањето на Џим О’Брајан да коментира како ги гледа пречките во реализацијата на иницијативата „Мини Шенген“ и Берлинскиот процес, Вучиќ кажа дека ја покренал иницијативата „Мини Шенген“ и дека таа не е никаква алтернатива на европскиот пат за земјите од Западен Балкан.

Како што нагласи, тој аргумент честопати може да се слушне како изговор за неучеството во таа иницијатива, пред се од политички причини.

-Тоа е одлична идеја и јас сум горд на тоа, истакна Вучиќ и посочи дека таа е добра за целиот регион и за сите поединечно.

Тој им се заблагодари на САД за поддршка на идејата, додавајќи дека Американците ја поддржуваат десет пати повеќе од ЕУ.

Вучиќ додаде дека Приштина одбивала да се приклучи на иницијативата, а потоа го потпишала договорот во Вашингтон со кој се предвидува тоа, но дека тие и понатаму немаат ништо преземено во врска со тоа прашање.

-На Рама не му беше лесно затоа што Косово одбива да учествува, кога ќе ги прашате зошто, нема рационално објаснување. Исто така, некои во Претседателството на БиХ не сакаат да бидат дел од таа иницијатива затоа што сметаат дека тоа е предлог на Србија. Исто е и со Црна Гора, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека ги разбира нивните стравови од доминација на Србија во регионот, но дека, како што рече, Србија мора да биде убедлива.

-Мора да им дадеме повеќе гаранции и да бидеме многу убедливи за да разберат дека тоа не е добро само за Србија, туку и за нив. Ако создадеме единствен пазар, можеме да бидеме мотор на растот за цела Европа, нагласи Вучиќ.

Тој оцени дека земјите од регионот сè уште заостануваат споредбено со развојот на земјите од Западна Европа, кои имаат двојно поголем БДП, но дека регионот, доколку биде обединет, може значително да го скрати периодот за да го достигне нивото на развој.

Поврзани новости