Глобалните предизвици со кои се соочуваме се закануваат суштински да ја променат меѓународната безбедносна архитектура и да го загрозат воспоставениот меѓународен правен поредок. Ваквите сложени времиња бараат многу мудрост и единство за да се зачува мирот како апсолутно најважно богатство вткаено во самите основи на организацијата на Обединетите нации, порача српскиот претседател, Александар Вучиќ на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Тој рече дека поради ограниченото време денеска ќе го прескокне товарот на формалностите, љубезните обраќања, поздравувањето на присутните и отсутните и директно ќе зборува за суштината.
-Тука сум по којзнае кој пат. Тежината на моментот во кој се наоѓаме ме обврзува да споделам со вас тешки зборови, но вистинити. Сè што правиме денес изгледа импотентно и бледо. Нашите зборови ѕвонат шупливи и празни во однос на реалноста што сме соочени. И таа реалност е дека овде никој навистина никого не слуша, никој не се стреми кон вистински договори и решавање проблеми, а скоро секој се грижи само за задоволување на сопствените интереси, честопати газејќи ги во процесот основните принципи на меѓународното право, фрлајќи ја Повелбата на ОН. За тоа не е виновен ниту Антонио Гутереш, ниту некој од ОН, туку оние сили кои не се грижат за ништо друго, освен за задоволување на сопственото политички, економски и за жал воено цели, рече Вучиќ во ОН.
Вучиќ рече дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на сите земји-членки на ОН, вклучително и територијалниот интегритет на Украина.
-На овој начин се однесувавме одговорно, сериозно во овој висок дом. Од многу говорници слушнавме приказни за агресија и нарушување на територијалниот интегритет на Украина, многумина велат дека тоа е прв конфликт на тлото на Европа по Втората светска војна Но, вистината е дека Србија е првата земја во Европа на која и е нарушен интегритетот, иако не нападна ниту една друга суверена земја, а тоа упорно се премолчува. Бараме јасен одговор на прашањето што јас со години им го поставувам на моите соговорници, лидерите на многу земји – која е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, кој е грубо нарушен, на што многумина од вас даваат меѓународно признание и легитимитет? Никогаш од никого не сум добил рационален одговор на тоа прашање“, рече Вучиќ при обраќањето во Обединетите нации.
Тој потсети дека Србија не стапнала на туѓа територија, ниту го загрозувала територијалниот интегритет на која било суверена држава, за некој да интервенира или да изврши агресија врз неа, како што беше направено во 1999 година.
-Меѓутоа, тоа не спречи 19 земји на НАТО да нападнат суверена земја без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации. Фактот дека по завршувањето на вооружениот конфликт беше потпишан договор со НАТО, чии одредби предвидуваа усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која исто така го потврди гарантираниот делумен суверенитет и целосниот територијален интегритет на Србија, не спречи многу западни земји да ја признаат еднострано прогласената независност на „Косово“ уште еднаш да го погазат територијалниот интегритет на нашата земја и Повелбата на ОН, рече Вучиќ.