Вучиќ предвиде дека Македонија во јуни ќе добие само тапкање по рамо

by fokus

Иако Владата не го губи оптимизмот, се зголемуваат шансите дека на Самитот на ЕУ во јуни Македонија нема да добие ништо повеќе од пофалби за напредокот во реформите. Шпекулациите се засилија откако во медиумите излезе нон пејпер во кој стои дека неколку земји се против почеток на преговори. Како причина наведуваат дека во земјата се уште владее корупција и неефикасни институции.

Поразувачкиот исход од Самитот за Македонија го предвиде пред извесно време и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во официјална посета на Баку пред пет дена Вучиќ пред новинарите изјави дека Македонија и Албанија на Самитот ќе добијат само тапкање по рамо.

„Во многу незавидна ситуација се Македонија и Албанија, кои, како што се претпоставува во јуни ќе бидат некако пофалени „да не се каже дека е катастрофа и дека ништо не добиле“ но нема да им се дозволи да ги отворат поглавјата“, рече српскиот претседател.

Сепак, овие информации не ја обесхрабруваат Владата на Заев. Од таму велат дека „нон пејпер“ документот е изработен пред Самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржа на 17. и 18 мај во Софија. Во меѓувреме по самитот, велат од таму, околностите се сменети.

„Мнозинството земји-членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција. Македонија веднаш после решавањето на спорот околу името ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и пооодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ“, велат од Владата.

Факт е дека на Самитот во Софија Заев имаше средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, земја која, според „нон пејперот“, заедно со Холандија е најголем агитатор против почеток на преговори на ЕУ со Македонија.

Како што соопштија тогаш од Владата, Заев го убедувал Макрон дека Македонија е доволно созреана за да добие од ЕУ отворање на вратите. Тој го информирал Макрон дека Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и во сферата на медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

„Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот“, истакнал Заев.

Макрон, од своја страна, посочил дека Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името, и дека решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија.

Според информациите кои се појавија во медиумите, пак, документот на Франција и Холандија го поддржуваат уште неколку членки на ЕУ. Меѓу нив се и Белгија, Данска и Луксембург.

Поврзани новости