Вучиќ: Можеме да разговараме за сѐ, освен за признавање и членство на Косово во ОН

by fokus

Србија е подготвена да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за Косово, но дадовме и една јасна и голема забелешка – дека нема разговори за меѓусебно признавање, признавање, ниту за членство на Косово во ОН, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

-Тоа им го кажав на (францускиот претседател Емануел) Макрон и (германскиот канцелар Олаф) Шолц во Минхен, и на сите големи лидери, (специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог Косово-Србија Мирослав) Лајчак и (високиот претставник на ЕУ Жозеп) Борел знаат тоа, и го повторив тоа вчера. Станува збор за тоа дека не сакам и не можам да разговарам за меѓусебно признавање, признавање и влез на Косово во ОН, изјави Вучиќ за РТС, зборувајќи за разговорите со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел во понеделникот.

Вучиќ рече дека на средбата во Брисел не бил усогласен патоказот, но дека ставот на Србија е дека признавањето и членството на Косово во ОН не може да бидат вклучени во планот за имплементација и дека за тоа ќе следуваат разговори.

Тој објасни дека европскиот предлог де факто стана рамка за преговарачкиот процес, но нагласи дека додека е на функцијата претседател нема да потпише, ниту да прифати, ниту формално, ниту неформално признавање на Косово, ниту влез на Косово во ОН.

Поврзани новости