Втор ден штрајк во Франција против пензиската реформа на Макрон

by Fokus 09:19
09:19

Штрајкот што го наруши јавниот превоз и ги затвори училиштата низ Франција денеска влегува во втор ден, а синдикатите најавуваат дека планираат да штрајкуваат се додека претседателот Емануел Макрон не се откаже од планираната пензиска реформа.

Штрајкот го спротистави Макрон, 41-годишен поранешен банкар, кој дојде на власт во 2017 година со ветување за отворање високо регулирана француска економија, со моќни синдикати кои велат дека тоа ќе го влоши статусот на работниците.

Исходот ќе зависи од тоа кој ќе ги попушти прв – синдикатите кои ризикуваат да изгубат поддршка од јавноста доколку дневните нарушувања траат премногу долго, или владата што се плаши гласачите да застане зад синдикатите и да ја обвинат за хаосот на улиците.

- Advertising -

Железничките синдикати гласаа за продолжување на штрајкот на петок, додека синдикатите на јавниот превоз во Париз одлучија тој да трае до понеделник. Останатите работници ќе одлучат за времетраењето на штрајкот денеска.

Десетици илјади луѓе вчера излегоа на улиците на француската престолнина – полицијата проценува дека 65.000 луѓе протестирале во Париз и дека имало 806.000 демонстранти низ цела Франција. Синдикатите имаат поголема бројка.

Безбедносните сили во Париз употребија солзавец откако демонстрантите фрлаа пиротехника кон полицијата, уништија автобуски станици и запалија контејнери за ѓубре. Неколку десетици лица се уапсени, а синдикатите истакнуваат дека оние што вршат насилство не се поврзани со нив.

Поврзани новости