Врз грбот на работниците да не се кршат партиски копја, Јанчев го демантираше Николоски дека Дрекслмајер се затвора

by Fokus

Германската фабрика Дрекслмајер во Кавадарци, која е најголем работодавец во околината со над 6.000 работници не се затвора. И не само што фабриката продолжува со работа, туку и од месец август се планирани нови вработувања –изјави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Над 6.000 работници и нивните фамилии беа вознемирени откако Александар Николоски од ВМРО ДПМНЕ на предизборен собир во неготинското село Криволак изјави дека Дрекслмајер се затвора. Во фабриката работат луѓе од Кавадарци, Неготино, Велес, Прилеп.

Изјавата на Николоски, кој е носител на листата на ВМРО ДПМНЕ во четвртата изборна единица, предизвика неизвесност и страв кај работниците, кои егзистенцираат од таму. Градоначалникот Јанчев порача дека е изненаден од шпекулациите кои Николоски ги изнесе.

-Би повикал приватните компании да не ги мешаме во политиката, бидејќи таму работат шест илјади луѓе кои се засегнати од било какви случувања. Апел до сите политички партии, приватните компании и приватниот сектор да не ни бидат тема на разговор во било кој политички текст – порача градоначалникот, додавајќи дека е во постојан контакт со менаџментот на Дрекслмајер, и не само што нема основа за затворање на фабриката, туку од август започнува со сто процентно производство и со примање на уште луѓе во делот на производството. Фабриката веќе има обезбедено планови и програми за работата во наредните пет години- вели тој.

Ова не е прпат да се шпекулира со наводно затворање на фабриката. Лани во март, Миленко Неделковски објави вест со наслов „Дрекслмајер капут“ на порталот Дудинка, а набргу потоа ја пренесоа и голем број на други електронски медиуми. Пишуваше дека фабриката ќе се преселела во Албанија и најмногу за два до три месеци ќе била комплетно затворена.

Веднаш по таквата објава, која повторно „удри” врз работниците и нивните семејства и им предизвика вознемиреност, од Дрекслмајер го демантираа Неделковски и бараа јавно извинување во рок од 24 часа, во спротивно појаснија дека ќе добие тужба за објавување на лажна вест.

-Срамно е да се кршат партиски копја врз грбот на работниците и да се собираат политички поени врз вакви невистини. Семејства во Тиквешијата и пошироко живеат од таа плата која чесно ја заработуваат во фабриката, знаат ли политичарите што значи да се шпекулира на ваков начин, на собир среде село да се најавува дека 6.000 лица ќе останат на улица, посебно среде пандемија? Политичарите да ги тргнат рацете од чесниот работник и да даваат проверени изјави- велат вработени во фабриката, вознемирени од изјавата на Николоски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости