Вртимушка

by Fokus

Глупавоста и препотентноста на судството може да се види и во ова време на пандемија и вонредна состојба, кога одбива да ги почитува пропишаните мерки за заштита, па упорно закажува судења кои се како итни, доведувајќи ги во опасност сите присутни

Звонко ДАВИДОВИЌ

Тивкиот звук на телефонот го известува адвокатот за судењето што му претстои. На прсти оди со лаптопот в раце да не ги разбуди сопругата и децата и додека го вклучува, го префрла сакото преку горниот дел од пижамата. Седнува и ги приближува цигарите и пепелникот и извештачено насмеан ѝ кажува на судијата „добро утро“ загледан во екранот.

Судијата веќе со облечена црна тога под која не се знае што и дали воопшто нешто носи, со невешто приправена фризура, кратко му одговара на поздравот на адвокатот и го известува дека обвинителката сè уште не се вклучила на видеоконференциската врска, притворениот исто, во Шутка имаат проблеми со интернетот, а поротниците и записничарот се на своите места и ќе бидат вклучени, веднаш штом ќе се обезбедат условите да почне главната расправа.

Неколку минути трае молкот меѓу адвокатот и судијата, секој скришум избегнувајќи ја камерата тегне од запалената цигара и сркнува од кафето. Наеднаш се слуша детски плач и цимолење и се вклучува обвинителката, која го смирува детето, кое нема ни година, додека другото нешто поголемо, искористувајќи го метежот, типка по тастатурата.

 КАВАДЕРЕЧКА ВИДЕОКОНФЕРЕНЦИСКА ВРСКА

Обвинителката едвај ги смирува, извинувајќи им се на колегите за доцнењето и за ваквата ситуација тивко изустува „мали деца, што да правам, сега сопругот ќе ги земе“. Се слушаат чекори, се гледа намуртена фаца, која ги зема децата и се оддалечува од камерата. Во меѓувреме, се вклучува и затворот Шутка, обвинетиот во тренерки, нерасонет ги трие очите и гледа во камерата, а зад него се гледа затворски полицаец.

Судијата ги вклучува и поротниците и записничарот и свечено го објавува почетокот на главната расправа во кривичниот предмет, кој се води против обвинетиот за кривично дело од 215 од КЗ-Неовластено производство и пуштање во промет, наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори и која продолжува во фаза на доказна постапка со доказите на обвинителството.

Обвинителката го повикува првиот сведок и се обидува да го вклучи, но сведокот го нема. Чекаат сите десетина минути, но сведокот не се вклучува во видеоконференциската врска, ниту се јавува на мобилен, на кој обвинителката нервозно му врти.

По кратки консултации, со согласност на одбраната, се преминува на вториот сведок, кој се вклучува. Судијата му зема генералии и по приговорот на одбраната дека не му е утврден идентитетот, судијата луто  одбрусува: „тој е, јас го познавам, Кавадарци не е Њујорк“, по што му ја чита заклетвата на сведокот, кој ја повторува.

Обвинителот почнува со директни прашања во насока сведокот да ја потврди изјавата што веќе ја дал. Бранителот почнува со вкрстени прашања и констатира дека изјавата на сведокот се разликува од онаа дадена во обвинителството и бара предочување, а судијата дозволува со забелешка дека ја нема изјавата на сведокот. Бранителот се шегува и го моли обвинителот да му ја даде на судијата, и онака се само три куќи оддалечени.

Тука настанува расправија во која се вклучуваат и децата на обвинителката, кои трчаат низ собата и викаат играјќи си, а на камерата на сведокот се гледаат домашните, како поминуваат низ соба. Додека се чека одлуката на судијата, адвокатот им се обраќа на своите деца, велејќи им добро утро.

Судијата ги исклучува од конференциската врска сите присутни за да се советува со поротниците. Повторно се вклучува и ги известува присутните дека дозволува предочување на записникот, кој го нема, а кој обвинителот дополнително ќе му го достави.

Следен на ред е вештакот, кој ја вештачел дрогата и кој одговарајќи на прашања на обвинителката, потврдува дека се работи за марихуана и го препознава кесето со дрогата, која судијата му го покажува, а адвокатот тивко, повеќе за себе, коментира дека тоа е сега дрога во домот на судијата.

Наеднаш, кесето го снемува од екранот и се гледа како судијата го брка синчето, кое ѝ го зело кесичето. По неколкуминутна бркотница, судијата забревтан седнува пред екранот, извинувајќи се и одлагајќи го рочиштето за друг ден, бидејќи другите сведоци и вештаци не се присутни. Одбраната бара записник, кој судијата ќе им го прати на Вибер. Обвинетиот го враќаат во ќелија, а другите се исклучуваат и продолжуваат со домашните обврски, кој се мие, кој трча да не му загори сармата што крчка, кој брза да ги облече децата.

НАДОБУДЕН СУДИЈА,ЗАМАТЕН ОБВИНИТЕЛ И ИЗГУБЕН АДВОКАТ

Ова е иднината на македонското судство ако се прашува кавадаречкиот основен суд и некој надобуден судија, заматен обвинител и изгубен адвокат. Најверојатно „генијалноста“ на одамна забеганото и заробено судство нема да застане тука, познавајќи го нивниот клиентелистички однос, понизноста и сервилноста кон власта и нестручноста, некадарноста и ѕверскиот однос кон народот.

Според нив, најверојатно во иднина нема да постојат судски згради, корпора, архиви, казните ќе ги изрекуваат компјутери, а тие најверојатно како судијата Дред ќе бидат и обвинители, бранители, судии и егзекутор. Впрочем, веќе се обидоа со таква идеја кога го донесоа оној фамозен Закон за одмерување казни по „генијалната“ идеја на оној што ни е сега судија во Стразбур. Среќа што тој закон го укинаа и не настрадаа многу луѓе.

Ваквата тапост на нашето судство е долгогодишна и секогаш тежнеењето кон новитетите во ситуација кога основните проблеми не сте ги решиле, а не сте ги интегрирале ни основните постулати на судството, изгледа помалку смешна и личи на лакрдија.

Судот во Кавадарци одржал судење преку видеоконференциска врска и гледам дури и дел од адвокатите го поздравуваат ова, заборавајќи дека истото е спротивно на Законот по многу основи.

Прво, спротивно е затоа што само доказно рочиште може да се одржи вака и тоа под три услови, кои се напишани во Законот, ама кој да ги чита, а на главна расправа може само сведок или вештак да бидат вака сослушани, и тоа ако се надвор од државата. Второ, се кршат сите права на одбраната како и основните начела.

Ниту е првпат, ниту најверојатно е последен пат, да не се почитуваат законите, и тоа од страна на судот. Не така одамна, судот во два случаи едноставно не го почитуваше законскиот максимум за траење на притворот и него го продолжи без каква било законска основа, и тоа во случајот на Смиленски и Тони Денковски. Со тоа создаде страшна правна пракса, која грубо ги крши сите загарантирани права со законот, како и самиот закон.

Безбројни се примерите на решенијата за притвор, а на тоа безброј пати ни укажаа и од судот во Стразбур и во секој извештај на експертите, кои се препишан законски текст, без каков било доказ или барем логика за определувањето или продолжувањето на притворот.

СУДЕЊЕ ОД УТРО ДО ПОЛНОЌ – ПРЕСУДА СЕ ЧЕКА 8 МЕСЕЦИ

Некадарноста на судиите и немањето капацитет да владеат со ситуацијата и со предметот, не ретко се случува да резултира со малтретирање и тормозење, не само на странките, туку и на сите присутни сведоци, вештаци, адвокати, како што тоа се случи на судењето за 27 април, кога се судеше од утро до полноќ, за потоа при вакво брзање пресудата да се чека 8 месеци.

До денешен ден, јавна седница по поднесените жалби не е закажана. Ваквото глумење на итност во постапките и додворување на властите е смешно и глупаво и секогаш резултира со кршење на законот од страна на судот. Но, едно мора да му се признае на судството дека во својата глупавост е константно и дека таа трае веќе дваесетина години. Шпион, Ликвидација, Ореше, Змиско око и многу други предмети се жив доказ за тоа.

Глупавоста и препотентноста на судството може да се види и во ова време на пандемија и вонредна состојба, кога одбива да ги почитува пропишаните мерки за заштита, па упорно закажува судења кои се како итни, доведувајќи ги во опасност сите присутни. Најсмешно е што тие „итни“ предмети се повеќепати одложувани и не постои ниту една околност што го оправдува ваквото лесноумие.

По однос на изборот и унапредувањето на судиите, нивната морална матрица, клиентелистичкиот однос, Судскиот совет и неговите членови- општински референти и стручни соработници, грубото кршење на Законот, претворање на притворот од мерка во казна, паушалноста, нестручноста и исклучително лошото менаџирање на судовите, многупати сум пишувал и зборувал, па нема за тоа да пишувам сега.

На крај само ќе се прашам дали ќе бидат сплотени и како и дали за првпат ќе реагираат за она што најмногу ги заболе, а тоа се платите, кога до сега, и покрај бројните шлаканици од извршната власт, не ја дигнаа главата, туку се однесуваа подлизурковски, вртејќи со опавчињата.

 

 

Поврзани новости