Врховниот суд ја укина пресудата за Вранишковски

by fokus

Врховниот суд во целост ја укинал првостепената и второстепената одлука за случајот „Вранишковски“, информираат од Основниот суд Скопје 1. Оттаму објаснуваат дека одлуката ја добиле вчера, а Врховниот суд ја донел дури на 26 февруари, по што останува нејасно зошто им било потребно толку време да ја соопштат. Во случајот Вранишкоски не е оштетен, бидејќи тој во овој период веќе беше пуштен на условен отпуст, но доколку беше зад решетки ова ќе значеше дека цели три месеци непотребно седи во затвор.

„Врховниот суд на одржана седница во целост ги укинал првостепената и второстепената одлука за случајот со „Вранишковски“, при што во текот на вчерашниот ден, одлуката е доставен до овој Суд. Во напаствијата на Врховниот суд стои дека при повторното постапување, првостепениот суд е должен повторно да ги изведе предложените докази, да ги отстрани противречностите, да даде јасно и непротивречно образложение за сторување на кривичното дело „Перење на пари“ за кое Јован Вранишковски е огласен за виновен и осуден. Со ваквото постапување врз основа на правилно утврдена фактичка состојба, Судот да донесе правилна и законита одлука во поглед на постоење на кривична одговорност на осудените, се вели во соопштението на судот.

Јован Вранишковски во моментот се наоѓа на условен отпуст, а беше осуден на затворска казна од пет години и пет месеци.

-Ова значи дека на Вранишковски му се прекинува условниот отпуст и сега тој е на слобода. Врховниот суд ги прифати сите аргументи, за кои првостепениот и второстепениот суд досега немаа слух. Им укажа дека не е можно Вранишковски да се гони за перење на пари, бидејќи тој претходно ги имал потрошено истите. Можам да кажам дека Врховниот суд ги истегна за уши Кривичниот и Апелациониот суд, вели адвокатот на Вранишковски, Александар Тортевски.

Поврзани новости