Врховен суд: Јавната седница за „Монструм“ ќе биде во мај

by fokus

Откако „Фокус“ објави дека Врховниот суд повеќе од една година не закажува јавна седница за случајот „Монструм“, од каде што ни ја потврдија информацијата, подоцна, дополнително не известија дека предметот бил во подготовка и дека јавната седница ќе биде закажана во првата половина на мај. Оттаму додаваат дека седницата ќе биде отворена за јавноста.

Одбраната жалбите ги поднесе уште на 4 јануари 2016 година.

На седницата на Врховниот суд се очекува да присуствува и Специјалното јавно обвинителство, кое го презеде случајот во свои раце. Од нив вистината ја бараат и двете страни. Родителите очекуваат дека конечно ќе го слушнат името на нарачателот на велигденскиот масакар, а од одбраната очекуваат да докажат дека извршителите се други лица.

Апелацискиот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје.

„Со цитираната пресуда на Апелациониот суд Скопје, по одржаната јавна седница и сеопфатната анализа на доказите и оцена на жалбените наводи, жалбите на обвинетите А. И., А. Д., А. И., Ф. А. и С. Љ., огласени за виновни за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како соизвршители, и обвинетиот Х. А. огласен за виновен за кривичното дело – тероризам од членот 394-б став 1 од Кривичниот законик како помагач, кои се осудени на казна доживотен затвор изречена од страна на првостепениот суд, се одбиваат како неосновани“, стоеше во одлуката на Апелациониот суд.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени, пред точно пет години, на 12 април 2012 година, на Велики четврток,  додека ловеа риба кај Смиљковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.

Поврзани новости