Време е за рестрикции, вели епидемиологот Коњановски кој е позитивен на ковид-19

by Fokus

Епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Битола, д-р Тони Коњановски на својот профил на Фејсбук информираше дека е позитивен на ковид-19.

-Сега кога сум на „оваа страна од барикадите” жалам што како и многумина мои колеги, понесени од одговорноста да помогнеме и да ги заштитиме другите, не успеавме самите “да се довардиме”, но тоа е ризикот на оваа професија, за која воопшто не жалам, вели Коњановски.

Коњановски, кој е и советник во Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека „во време кога се рушат сите црни рекорди и статистики здравствените авторитети треба конечно во свои раце да ги земат работите и да донесат непопуларни, но храбри одлуки“.

Тој предлага: онлајн наставата во основните, средни училишта и факултетите и разгледување на можност за продолжен зимски распуст, затворање и прекин на работата на сите кафетерии, кафичи, кафеани, ресторани освен оние кои можат да организираат шалтерска услуга или достава на храна, времен прекин на работа на кладилници, спортски обложувалници и казина, организиран и регулиран влез во маркети и продавници, прекин на маркетинг камањите од типот „Блек фрајдеј”, а како последна мерка доколку предходните немаат ефект предлага „викенд карантини” од петок во 17 часот до 05 часот наутро во понеделник во текот на целиот декември.

-Не треба човек да биде премногу паметен ниту кој знае каков експерт, само треба да ги согледа параметрите, епидемиолошките показатели и статистиката. Во многу поорганизирани земји од опкружувањето, вакви и порестриктивни мерки веќе неколку недели се во важност. Да се биде одговорен пред нацијата, а здравјето на граѓаните да биде прв приоритет без разлика на последиците по себе, е императив на секоја државна политика и најбитно во моментов, напиша Коњановски на Фејсбук.

Поврзани новости