Вранишковски излегува од затвор, судот донел решение за условен отпуст

by Фокус

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 донел решение за условен отпуст на расчинетиот владика Јован бидејќи ги исполнува сите законски услови, односно од 5 и пол годишната затворска казна, во која му се засметани двете санкции кои ги издржува, има одлежано три години и два месеца или повеќе од половината.

„Барањето до судот го поднесе директорот на затворот Идризово на 25 декември, а Кривичниот совет денеска ја одржа седницата од која произлезе решението, а поред кое е предвидено Вранишковски за Водици да го напушти затворот“- изјави за „Фокус“, претседателот на судот, Владимир Панчевски.

Од денеска тече рокот од осум дена за жалба на решението, кое потоа се очекува да стане правосилно. Одлуката на судот следува по низата притисоци или сугестии, пред се на Руската црква Вранишковски да биде ослободен, а тоа да биде услов за одмрзнување на преговорите меѓу МПЦ и СПЦ.

По посетата на висок преставник на црквата од Москва, и поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан повика на ослободување на Вранишковски. Набрзо по неговиот повик и по руската посета надлежните екпресно изнајдоа начин како законски Вранишковски да заврши на слобода.

Претходно тој имал право да побара условен отпуст кој е законска прилика по издржување на една третина од казната, но тоа никогаш никој не го иницирал, се до директниот потег на Руската црква.

Неофицијално како причини за условниот отпуст се наведуваат доброто однесување на Вранишковски, како и неговото загрозено здравје.

Сепак и покрај навестувањето дека слободата на Јован е гаранција за нова фаза преговори меѓу МПЦ и СПЦ , останува неизвесно дали ќе има одново долги преговори или пак однапред е нешто договорено, за што има малку шанси.

Поврзани новости