Вработените во центрите за социјална работа биле заплашувани дека ќе бидат избркани од работа ако излезат и ѝ дадат поддршка на повредената колешка, вели Деаноски

by Fokus

Вработените во центрите за социјални работи, посебно оние од скопскиот регион, се изложени на притисоци и закани со отпуштања или прераспределувања ако излезат јавно да и дадат поддршка на социјалната работничка од Прилеп, која пред неколку дена беше нападната со огнено оружје од корисник на социјални услуги, при што беше ранета, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

„Беше замислено тука да има голем број вработени од Центарот за социјални работи кои сакаат да и дадат поддршка на колешката и да побараат од работодавачите побрзо да има мерки за заштита на безбедноста на вработените. Но, за жал, од вчера вечер, по наредба на Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјални работи, останав без колегите зашто сите се заплашени, им се закануваат дека ако излезат надвор и и дадат поддршка на колешката или побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или прераспределувани на други места“, рече Деаноски.

На колегите кои биле заплашувани им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи и дека никој ништо не може да им направи, ниту да ги избрка од работа ако сакаат да заштитат некој колега.

Тој рече дека барањето за обезбедување безбедност на вработените е уште од 2023 година.

„Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфични, вработените се даватели на услуги, административни службеници и помошни технички лица, секогаш работат со најмаргинализираната група граѓани и секогаш се изложени на голем ризик. Напаѓани се вербално, физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади до сега“,посочи Деаноски.

Денеска Министерството за социјална политика испрати известување во кое го осудува нападот и информира дека сега ќе почне да работи на тендер за вработените безбедно и сигурно да работат.

„Се надевам дека тоа нема да биде доцна и дека ова ќе биде добра порака не само до работодавачите во центрите, туку и до целата администрација и до Владата – дека тие луѓе кои работат за државата треба да бидат заштитени“, рече претседателот на УПОЗ.

Тој нагласи дека денеска надвор од работните места за да дадат поддршка на повредената колешка се излезени вработените во Центрите за социјална работа од Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Гостивар.

Поврзани новости