Вработените и студентите од Институтот за хемија: Нови вработувања и подобри услови за истражувачка работа

by fokus

Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје јавно го изразуваат своето незадоволство од условите за работа и студирање, кои се резултат на лошата поддршка и политики во високото образование во последните дваесетина години, а за науката во последните десетина години, и тоа особено во делот на грижата за човечкиот потенцијал и материјалните услови за настава и истражување.

„Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и
научноистражувачка институција, што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања како што се публикување на научни публикации во ценети
меѓународни списанија, реализација на научноистражувачки проекти и соработка
со врвни истражувачки групи од светот, како и едукација на хемичари кои се
истакнати професионалци и истражувачи и кај нас и во светот и на најдобар начин ја афирмираат својата институција, факултет, универзитет и држава.

Токму заради реномето и развиената висока академска свест, вработените на
Институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на
континуираното влошување на состојбите истовремено укажувајќи на проблемите
и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за
добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложувања во
подобрување на материјалните услови и поддршка за научноистражувачката
дејност, но одговор немаше.

Само за последното, означено со „ургентно“, барање на согласност за вработување на 2 асистенти и 4 виши лаборанти (од август 2019)
беше побарано дополнително објаснување за фискален ефект, и се надеваме
дека ќе биде одобрено, а не оставено „на чекање“ поради актуелните политички
случувања од последниве 2-3 дена.

Oва континуирано влошување на условите за работа и студирање, без надеж
за подобрување, дојде до степен кога е доведено во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност. Затоа, Стручниот совет на Институтот за хемија на состанокот на 10 октомври одлучи дека е време и јавно да го изрази незадоволството од овој третман, а студентите,
откако беа информирани, едногласно го поддржаа и се придружија на протестот.
Трите клучни барања од овој протест се следните:

– да бидат итно одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната
состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира
практичната настава, што во овој момент е неизводливо. Токму недостатокот
на млади соработници – асистенти за практична настава и научноистражувачка работа се најакутниот проблем во последните години. Веќе осум години не
е добиена согласност за вработување на асистент, а во меѓувреме се
случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се
Институт за хемија неопходен дел од практичната настава. Проблемот низ бројки е многу јасновидлив: од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти), а денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент. Во исто време,
бројот на студенти во последните десетина години нема битни промени и
дури е во благ пораст со просечно 50 нови студенти на прв циклус студии
секоја година и вкупно меѓу 250 и 300 студенти на сите три циклуси на студии
бидејќи хемичарите стануваат барани на пазарот на трудот.

– во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за
реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства
за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку
години. Студиите на студиските програми по хемија и денес се споредливи со
студиите по хемија на било кој светски универзитет, но важниот дел кој
недостига е опременост на лабораториите со услови и инструменти за
стекнување на практични вештини. Освен тоа, зградата на Институтот за
хемија, која e извонредно проектирана и изведена, не е соодветно одржувана, особено во последните дваесетина години, и неопходно е да се реновира
постапно, во тек на неколку години.

– во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија и други
потреби, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и
стипендија за магистранти и докторанти) за да ги задржиме најдобрите
дипломирани студенти со можност и услови за академска кариера тука!
Состојбата со финансирање на научноистражувачката работа во нашата
земја е очајна повеќе години наназад, конкурси за национални проекти не се
објавени од 2009 година, а стипендии се доделуваат за магистерски и
докторски студии во странство, но не и за кај нас! Ова секако не е проблем
само на Институтот за хемија (кој е особено препознатлив по резултатите во
овој домен), но е проблем на целата академска заедница, за кој треба јавно
да се проговори и конечно да се дејствува!“, порачаа од Институтот.

Поврзани новости